Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаКој се е опфатен во четирите нови „Т“ истраги на СЈО за оштетување на државни пари?

Кој се е опфатен во четирите нови „Т“ истраги на СЈО за оштетување на државни пари?

Специјалното јавно обвинителство најави дека наскоро ќе покрене обвинителен акт за случајот „Транспортер“, а денеска беа објавени четири нови истраги. За ниту едно лице не е побарано мерки за обезбедување присуство.

Обвинителката Фатиме Фетаи изјави дека во случајот „Табла“ се работи за злоупотреба на службената положба на директор на основно училиште во селото Зајас и неговата одлука да се гради ново основно училиште без почитување на законските прописи. Во овој случај се работи за штета од околу 200 илјади евра, колку што бил вреден договорот потпишан без јавна набавка, за изградба на училиште во селото Строговиште.

Во случајот „Триста“ осомничен е помошник-министер од МВР за извршена јавна набавка за 300 возила за Министерството. Осомничениот во периодот од 2008 до 2012 година извршил набавка на 300 возила не почитувајќи ги законските прописи за јавна набавка, со што бил оштетен буџетот на државата за 453.570 евра.

Според Фетаи, не биле почитувани правилата за најповолна понуда, па понудите на „Порше“, „Кадис“, „Бохемија“, „Колевски“ и „Авто куќа“, иако биле проценети како најповолни, не биле тоа.

Постои основано сомневање дека службеното лице доделувало договори на компании без најдобри економски понуди.

Даночно затајување е продолженото кривично дело за кое има основани сомневања во случајот „Тотал“, во кој се сомничи едно лице. Сопственикот на неколку компании за маркетинг и консултантски услуги, Тотал, Медиа Мак, Тотал маркетинг, Медиа центар, во периодот од 2008 до 2015 година одбегнал плаќање данок во вредност од околу 180 илјади евра.

Тој и правните лица за да одбегнат плаќање даноци давале лажни податоци за даночните обврски – фирмите за данок не платиле 121.414 евра, а осомничениот одбегнал да плати данок од 63.032 евра. Осомничениот како управител на компаниите ја намалил основицата за данок и не пријавил лични приходи, рече обвинителката. Тој набавката на опрема за себе ја евидентирал како опрема за фирмите, иако во фирмите немало вработени лица, односно во една фирма имало само еден вработен.

Овие средства биле евидентирани како основни средства и тековни трошоци, а осомничениот ја намалил обврската и по основа на ДДВ. Износот за добра и набавени услуги осомничениот не го пријавил во годишната даночна пријава. На пример, на име на фирма се купени два душека во вредност од 3.080 евра, рачен часовник вреден 2.300 евра, мебел од 65.000 евра, теписи, кујнски садови…

Во случајот „Тифани“ за истите дела, даночно затајување, осомничена е сопственичка на фирмите за маркетинг и консултански услуги Смарт центар и Смарт груп. И во овој случај постои основано сомневање дека во периодот од 2008 до 2014 година компаниите и сопственичката делумно одбегнале плаќање даноци со давање лажни податоци за обврските. Фирмите и сопственичката не платиле данок во вредност од околу 54 илјади евра (37.634 евра компаниите, а осомничената не платила даночни обврски во вредност од 16.924 евра). Од 2008 до 2014 осомничената ја намалува основицата за данок на добивка, ДДВ и персонален данок на доход, рече Фетаи.

И тука, набавките за личните потреби биле прикажувани како набавки за фирмите, па така била купена долна облека вредна 500 евра, ташни и ремени во вредност од 33.000 евра, очила и шминки за 1.000 евра. Осомничената не регистрирала приходи во годишните даночни пријави.