Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаКој ќе седне во загреаната фотелја на „Илинденска 2“ ?

Кој ќе седне во загреаната фотелја на „Илинденска 2“ ?

Со доближувањето на роковите за заминувањето на актуелниот премиер Никола Груевски од фотелјата и формирањето на предизборната влада, се повеќе е јасно дека оставката на македонскиот премиер не е прашање на политичка добра волја, туку на законска обврска која произлегува од скорешните измени на Законот за влада.

Новото законско решение кое беше донесено со договорот од Пржино, за прв пат во македонското законодавство, предвидува избор на преодна влада на сто дена пред секои наредни парламентарни избори. Кој ќе го наследи моменталниот премиер треба да определи партијата со највеќе пратеници во Парламентот, предвидува Законот.
Единственото веројатно одолговлекување на оставката на актуелниот премиер од функцијата и формирањето предизборна Влада, може да биде условено од одложувањето на изборите најавени за 24ти април догодина.

Владејачката партија сеуште не изнесува во јавноста конкретни информации дали во партиските тела станало збор за решението за иден премиер, чие функционирање ќе биде главно на техничко ниво, а според законот ќе има четири месечен мандат. Во круговите на шпекулации од поодамна се лиферува со различни имиња, како можни идни премиери најзвучни се актуелните министри за одбрана и за надворешни работи Зоран Јолевски и Никола Попоски, а се споменуваат и министрите за финансии и за здравство, Зоран Ставрески и Никола Тодоров.

Доколку ништо драстично не се смени во моменталната политичка состојба, новата техничка влада на ДПМНЕ би требало да застане пред објективите на медиумите веќе на 15ти Јануари, доколку се земе во предвид дека изборите се предвидени за 24ти, а би биле распишани најдоцна до средината на месец Март.

Со почетокот на следната недела, теоретски, започнуваат да отчукуваат последните часови во кои Груевски се очекува да поднесе оставка. Но, доколку ја земеме во предвид комплицираната политичка ситуација во земјава и отежнатите преговори, односно нерешавањето на клучни дилеми од пржинскиот договор, сите сценарија се во игра. Па дури и смената на премиерската фотелја да биде во последен момент, односно отприлика во првата половина на Јануари 2016та.

Законот за влада со новите измени не прецизира точен датум на заминувањето на актуелниот премиер, додека пак, во договорот од Пржино стои клаузула дека „актуелната влада навремено ќе ја поднесе својата формална оставка до парламентот за да и’ овозможи на новата влада да стапи на функција на 15 јануари 2016 година“.

Од најголемата владејачка партија брифираат дека за нив изборите следната година се од висок приоритет и дека не е во план никаква остапка од тој датум, па оттука ќе бидат почитувани и сите други рокови предвидени со политичкиот договор.

Во интервју на Груевски за интернет сервисот „Пресс 24“, тој тврди дека опозициските претставници се кочничарите на политичките договори, со цел одолговлекување на изборите.

„СДСМ преговара со две можни цели – или да биде комплетно како што тие сакаат или ако нема договор, да се одложат изборите. За ДИК, на пример, нивниот напор е или од двајцата Македонци, експерти, да се скриени нивни членови или поддржувачи или ако тоа не го прифатиме, да кажат во еден момент дека поради одолговлекувањето мора да се пристапи кон одлагање на изборите, а ако не се одложат дека тие нема да учествуваат. Исто и за медиумите“, обелоденува премиерот Никола Груевски…

Неофицијалните најави велат дека не се очекуваат позначителни промени во министерскиот состав, по смената на кормилото на Владата, барем во делот на ресорите што ги контролира најголемата владејачка партија. Сепак, во случај некој од актуелните министри на ВМРО-ДПМНЕ да биде избран за премиер, веројатно би дошло до кадровска промена во тој ресор. Пржинскиот договор, пак, предвидува во новата влада треба да останат новоизбраните министри од редовите на СДСМ: Оливер Спасовски во МВР и Фросина Ременски во труд и социјала.


Н.С