Thursday, Apr 25, 2024
HomeАНТИСТРЕСЖуркиКои бендови ќе го освојат вниманието на Пиволенд?

Кои бендови ќе го освојат вниманието на Пиволенд?

Фестивалот на пивото е пред самиот почеток, а ние покрај оние добро познати артисти кои ќе настапат на главната бина, издвоивме шест интересни бендови кои одамна ги немало или пак се нови, но вреди да се чујат:

1. Флукс- Скопските панкери кои од 1994 се присутни на македонската андерграунд сцена. Рок панк е правецот кој го негува овој бенд во кој членуваат: Зајо, Марко, Данко, Мишко и Дарио.  Познати по своите енергични настапи, сигурно ќе направат одлична свирка во недела, последниот ден од Пиволенд на Кале.  Нивните песни „Дали се сеќаваш“, „Дожд“, „Старо Аро“, „Дека сакаш“, „Утре“ се експлозивни нумери кои ја тераат нивната верна публика да пее на цел глас. Секако неизбежни се и шутките.

2. Проџект Орфеус- Овој бенд  виртуозно и неуморно ќе ви илустрира приказни во кои ќе сакате да се нурнете додека ги слушате. Постојат од 2013, создадени од Давид Димовски, артист и автор. Зад себе имаат два албуми, од кои едниот во живо. Велат дека влијание врз нивната музика имале Битлси, РолингСтоунси, Џими Хендрикс, Боб Марли, Боб Дилан. Доколку сакате да чуете нешто поинакво од македонската музика, нивниот настап не треба да го пропуштите.

3. Блек енд Вајс Социал Клуб- За овој одличен нов бенд, Пиволенд ќе биде прв поголем концертен настан. Албумот го издадоа во декември минатата година,а неодамна го промовираа и на балканска турнеја. Нивниот музички правец е алтернативен рок, а Ади, Горјан, Стефан и Благоја ќе се потрудат да ве размрдаат на Кале.

4. Чил Плеј е бенд создаден од Даниел Шилев ( гитара) и Мила Миливојевиќ ( вокал), а за потребите на концертните настапи настапуваат во проширен состав. Досега имаат настапувано на многу фестивали и клупски свирки низ земјава, а публиката ги сака бидејќи на нивните свирки може да се чујат различни музички стилови, светски хитови, македонски евергрини па и хаус и техно нумери преработени во рок верзија.  За Пиволенд подготвуваат настап од час и половина и ветуваат одлична забава за посетителите на фестивалот.

5. Студени Нозе- Нема кој не слушнал за ова име, а нивните песни ги слушаме речиси на секоја свирка низ локалите во Македонија. По долги години, летово имаме повторно шанса во живо да ги чуеме сите легендарни хитови, испеани од основачот на бендот Фиц.  „Кучето мое“, „50 марки“ , „Во Парк“, „Маријана“, „Ти си проблем“, „Опинок“ се само мала причина зошто да бидете дел од настапот на „Студени Нозе“ на Пиволенд.

6. Трибјут ту Колдплеј- Светските трендови во последниве години како да им отворија врата на кавер бендовите кои обожуваат да свират материјали од нивните омилени изведувачи. Има добри, но има и лоши трибјути, а има и онакви кога не можеш да ги разликуваш од оригиналот. Токму такви се Трибјут то Колдплеј од Италија кои ќе бидат дел од музичката програма на Пиволенд. Нивниот настап е визуелно и музичко шоу со посебна сценографија кое што за момент ќе ве доближи најблиску до оригиналот. За жал вистинските Колдплеј чинат околу 900 000 долари за 80 минутен настап, а тоа не може да си го дозволи ниту еден организатор во нашата држава,  но од она што го преслушавме италијанскиот трибјут на Колдплеј навистина ќе ве остави без зборови.