Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаКога ќе се одржат локалните избори?

Кога ќе се одржат локалните избори?

Локалните избори ќе се одржат најрано во септември. Лидерот на Социјалдемократите, Зоран Заев, за дел од медиумите изјавил дека политичките партии, по формирањето на новата Влада, мора да договорат датум за гласањето за нова локална власт, бидејќи општините го чувствуваат притисокот од долготрајната криза.

„Јас сум градоначалник 12 години, бев до 30 декември, знам колку е сериозна локалната власт. Допира до секојдневието на граѓаните, преку училиштата, градинките, урбанизмот, комуналните претпријатија. Допира до секое семејство, до секој наш граѓанин. Мораме да направиме чисти избори“ – изјавил Заев.

Откако беше пречекорен рокот за распишување на локалните избори неколку министерства и ЗЕЛС поднесоа иницијатива до Уставниот суд со барање да се оцени уставноста на неколку членови од Законот за локална самоуправа и Изборниот законик. Од Уставен потврдија дека барањето ќе се разгледува на следната седница, на 10 мај.

Но според експертите, првата задача на собранискиот спикер, Талат Џафери по конституирањето на Собранието била да ги распише локалните избори.

„Нераспишувањето на изборите е кршење на Уставот и на законите, но и на нашето право на локална самоуправа, и втурнување на земјата во една нова криза, политичка, сега на локално ниво“, изјавил Заев.

Според законот мандатот на локалните власти истекува на 15 мај, по што Македонија останува без локална самоуправа. Последниот рок за распишување на локалните избори во Собранието, поради политичката криза беше пробиен на 6-ти март, што меѓу експертска јавност остави голем број отворени прашања како да се најде решение а тоа да не биде на товар на граѓаните.