Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАСкопјеКлиниката за детски болести доби современ бебитерм за предвремено родени деца

Клиниката за детски болести доби современ бебитерм за предвремено родени деца

Клиниката за детски болести во Скопје доби современ бебитерм што овозможува рамномерно распределување на температурата на бебињата кои се предвремено родени или родени со компликации. Компанијата ОКТА го донираше овој апарат како дел од кампањата Шанса за живот. Ова е трета донација во рамките на оваа кампања на која се приклучија и голем број јавни личности, граѓани и компании.

Досега, клиниката за детски болести немаше бебитерм – апарат кој е од исклучително значење за нормален развој на бебињата. Бебитермот е наменет за создавање на средина со оптимална топлина, потребна за предвремено родените бебиња која ги заштитува од несакани состојби предизвикани од несоодветна температура при трансферот од инкубатор во нормална средина.

„Ова е еден од клучните апарати потребни за интензивното одделение што ќе овозможи да создадеме совршена средина за новороденчиња. Досега компанијата ОКТА со кампањата Шанса за живот ни помогна при набавка на нова и сервисирање на постоечката опрема. Иницијативата поттикната од оваа компанија покажа дека деловните субјекти може да направат многу во обединување на граѓаните под една заедничка цел. Како резултат на повикот упатен од компанијата и од нас, се подигна свеста за важноста од доброто функционирање на нашето одделение и овозможување на што подобра нега на предвремено и новороденчињата родени со компликации. Многу сме среќни што Владата најави одвојување на средства за целосно реновирање и опремување на одделот, што покажува дека оваа кампања ја подигна свесноста за проблемот“, изјави д-р Аспазија Софијанова, директор на Клиника за детски болести, Скопје.
Shansa za zivot - Okta i Detska klinikaПокрај оваа донација како дел од кампањата Шанса за живот, ОКТА веќе донираше нов инкубатор, пулсоскиметри и аспиратори, а беа сервисирани и три постоечки инкубатори.

„Ни претставува огромно задоволство како компанија кога гледаме дека нашата заложба и труд имаат позитивен ефект. Несомнено е дека оваа кампања предизвика огромен интерес во јавноста и обедини многу граѓани, компании и организации со една иста цел. Неизмерно сме благодарни на сите кои ја препознаа потребата и активно се вклучија со донација и поддршка. Заедно успеавме значајно да придонесеме за овој оддел, а со ист ентузијазам ќе продолжиме и понатака”, изјави Марија Ставрева, менаџер за комуникации и општествена одговорност во ОКТА.

Секој кој сака да помогне за целите на кампањата може да го направи тоа преку вртење на донаторските телефонски броеви 070 075 077, 14 33 33, преку набавка на гориво од бензинските пумпи на ОКТА од чија продажба се одвојува процент за кампањата, како и можноста за директни донации преку наменски отворената сметка за кампањата 200002709659393, во Стопанска банка. Повеќе информации се достапни на интернет страната на компанијата www.okta-elpe.com.