Tuesday, Apr 16, 2024
HomeДЕНЕШНАСкопјеЌе се гради подземна сообраќајница кај Старата железничка станица

Ќе се гради подземна сообраќајница кај Старата железничка станица

На просторот околу Старата железничка станица во Скопје, градежната компанија Лимак наскоро ќе почне со градба на голем комлекс и тунел кој ќе има современ изглед и мултифункционална намена. Станува збор за деловно – резиденцијален комплекс кој ќе има за цел да ја спои Старата железничка станица со модерните потреби и животни навики на граѓаните на Скопје, велат од компанијата.

Проектот ќе вклучува околу 1.000 станови во 20-катни згради со по 1, 2 или 3 спални соби, канцеларии, трговски центар, хотел, простор за слободни културни активности каде ќе биде сместен Музејот, ќе има места за јадење и пиење, фитнес центар, казино и паркинг со капацитет за околу 2.000 автомобили.

Постоечката зграда на Музеј на град Скопје, која се планира да биде возобновена од градските власти, ќе биде умешно вградена во склоп на комплексот. Површината на вкупниот проект ќе биде околу 300.000 квадратни метри.

Тунелот кој ќе се гради ќе биде двонасочен коловоз во 6 ленти со должина од 800 метри, ќе го дислоцира булеварот Македонија под земја и во голема мера ќе придонесе за олеснување на сообраќајниот метеж во Скопје. Станува збор за модерна подземна улица, налик на европските метрополи која од двете страни ќе биде поврзана со новите кружни текови кои се планираат во овој дел од градот, велат оттаму.