HomeДЕНЕШНАПолитикаКина, Турција и Романија испатија нови амбасадори, Иванов ги прими акредитивите

Кина, Турција и Романија испатија нови амбасадори, Иванов ги прими акредитивите

ivanov-1

Како што соопшти Кабинетот на Иванов, на средбата со новоименуваниот амбасадор на Народна Република Кина Јин Ликсијан беше изразено заемно задоволство од пријателските односи меѓу двете земји кои се базираат на духот на пријателството и меѓусебното почитување.

Претседателот Иванов истакна дека севкупните билатерални односи и соработката меѓу двете пријателски земји во континуитет бележат нагорен тренд на развој постигнувајќи многу заеднички успеси преку искрениот дијалог и интензивната размена на посети на сите нивоа. Во тој контекст, Иванов се осврна на иницијативата на Кина за соработка со земјите од Централна и Источна Европа како значаен аспект на меѓусебната соработка.

-Оваа иницијатива има за цел, меѓу другото, да ги промовира и да ги продлабочи нашите односи, со акцент на економската и трговската соработка, исто така и да ги реафирмира културните, образовните и социјалните врски меѓу Кина и 16-те земји од Централна и Источна Европа, рече македонскиот претседател и искажа задоволство што Република Македонија беше првата држава која ги препозна нејзините придобивки потпишувајќи договор за искористување дел од предвидените средства кои веќе се користат во изградба на двете многу важни нови автопатски делници.

Ликсијан подвлече дека Кина придава големо значење за зацврстување на билатералните односи кои во изминатите години, благодарение на заедничките заложби се унапредени преку заедничката доверба и зголемувањето на практичната соработка во повеќе области.

-Подготвени сме да соработуваме на унапредување на нашето традиционално пријателство и да ја прошириме практичната соработка преку Платформата за соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, рече амбасадорот Ликсијан.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Турција Тулин Еркал Кара беа нагласени континуирано пријателските односи меѓу двете земји кои се карактеризираат со отворен дијалог, почитување и поддршка.

Македонскиот претседател истакна дека Република Турција е наш искрен пријател и стратешки партнер кој постојано и дава поддршка на Македонија на билатерален и мултилатерален план.

-Градењето добрососедски односи, максимална регионална соработка со цел просперитетен, безбеден регион, членството во Европската Унија и во НАТО, се надворешнополитички приоритети на Република Македонија. Како и многупати досега, би сакал да повторам дека Република Македонија особено го вреднува фактот што Турција останува конзистентна во безрезервната поддршка што ја дава за нашите стратегиски определби, рече претседателот Иванов.

Кара изрази задоволство од развојот на досегашните заемни односи и соработка помеѓу двете земји. Во насока на патот на Македонија кон евроатлантските институции, искажа уверување дека Турција како значаен стратешки партнер и во иднина ќе го даде својот придонес за остварување на оваа цел.

– Сакам да истакнам дека и во иднина ќе продолжи поддршката на Турција кон процесот на интегрирање на Македонија со евроатлантските институции, пред се за нејзиното членство во НАТО, истакна Кара.

Одличната соработка меѓу Македонија и Романија и нејзиното натамошно интензивирање во сферата на економијата, трговската размена и инвестициите на билатерално ниво е заедничка констатација на средбата на претседателот Иванов со новоименуваниот амбасадор на Романија за Република Македонија, Виорел Станила.

– Република Македонија е активен промотор на човековите права и слободи, почитувајќи ги јазичните, културните, етнографските и фолклорните обележја на сите етнички заедници кои живеат во неа, овозможувајќи им оптимални услови за негување на своите традиции и зачувување на својата автентичност, рече македонскиот претседател.

Станила истакна дека Романија цврсто го поддржува европското и евроатлантското интегрирање на Македонија, како и реализирањето на потребниот прогрес во процесот на реформи во насока на остварувањето на таа цел.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com