Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАСветКим Јонг Ун најави „ново раѓање на ракетната индустрија на Северна Кореја“

Ким Јонг Ун најави „ново раѓање на ракетната индустрија на Северна Кореја“

Северна Кореја изврши тестирање на нов ракетен мотор во станицата за лансирање Тонгчанг-ри, јавиле севернокорејските државни медиуми, пренесуваат светските агенции. Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун по повод тестирањето изјавил дека тоа претставува „ново раѓање на ракетната индустрија на Северна Кореја“.

Државната новинска агенција на Северна Кореја КЦНА јавила дека со помош на моторот земјата ќе ги достигне капацитетите за лансирање на сателити од светска класа. Агенцијата, во својот извештај навела дека најверојатно е тестиран нов тип на мотор за ракета со долг домет.

Инаку, тестирањето на новиот ракетен мотор од страна на Пјонгјанг доаѓа за време на посетата на американскиот државен секретар Рекс Тилерсон на Кина, која е главен сојузник на Северна Кореја.

Вчера Тилерсон и неговиот домаќин, шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји разговараа за севернокорејската нуклеарна и ракетна програма и како што изјавија на прес-конференцијата по средбата, се согласиле на заедничка соработка, со цел да ја убедат Северна Кореја да го напушти сегашниот пат.

Тилерсон, во петокот, за време на посетата на Јужна Кореја изјави дека на маса е можно да се најде и воен одговор од страна на САД, доколку Северна Кореја продолжи со заканите кон Сеул и Вашингтон.