Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаКХВ за празниците ќе одлучува за преземањето на „Макпетрол“ ?

КХВ за празниците ќе одлучува за преземањето на „Макпетрол“ ?

Понудата за преземање на акциите на „Макпетрол“ од страна на анонимната офшор компанија „Балкан Петролеум Холдинг Лимитед“ , која Комисијата за хартии од вредност ја врати на доработка, би можела повторно да се најде на дневниот ред на Комисијата околу илинденските празници, брифираат извори упатени во целата постапка.

Од брокерската куќа Инвест брокер, која го застапува понудувачот пред КХВ, не откриваат дали новата понуда ќе биде доставена уште неделава, по што КХВ би одлучувала околу празниците.

„КХВ побара дополнителна документација, а постапката е во тек. Кога ние, како овластени брокери, ќе ја добиеме дополнителната документација, ќе ја доставиме понудата до КХВ. За тоа што ќе следи, во моментов не можам да зборувам“, вели Кирил Митровски од Инвест брокер.

Обидот за „непријателско преземање“ на Макпетрол од страна на неодамна основаната офшор компанија со потекло на Кипар и Британските Девствени Острови, „Балкан Петролеум“, и натаму ја преокупира македонската јавност. Во овој обид се вмешани сомнителни бизнисмени кои во биографиите имаат редица матни зделки и пропаднати компании, како романската рафинерија „Рафо“, која ја презеле во 2003 година, по што ја распродале, ја затвориле и оставиле илјадници работници на улица.

Наспроти повиците на експертите и истражувањата на новинарите кои покажуваат сериозни наводи за корупција и перење пари во минатото на сомнителните руско-украинско-израелски инвеститори, ниту една државна институција, вклучувајќи ја и најповиканата, Комисијата за хартии од вредност, не се одважи да ги истражи овие информации. Сè уште нема ниту одговор од македонските институции на писмото од Европската енергетска заедница, во кое се бара да се истражат бројните сомнежи околу луѓето во „БХПЛ“ и потеклото на нивните пари.

Интересот во јавноста за случајот со Макпетрол, кој е меѓу последните стопански гиганти во земјата што е во сопственост на домашни бизнисмени, е пропорционален со значењето на компанијата за македонското стопанство. Најголемата нафтена компанија во земјава има повеќе од 2 000 вработени, за кои само за персонален данок и придонеси исплаќа околу пет милиони евра секоја година. Лани, за сите давачки кон државата, Макпетрол издвоил околу 174 милиони евра.

Извор: plusinfo.mk