Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАСветКерим повика на меѓународен договор за разрешување на бегалската криза

Керим повика на меѓународен договор за разрешување на бегалската криза

Срѓан Керим, македонскиот кандидат генерален секретар на Обединетите Нации, повика да се постигне нов договор за прашањето на бегалците меѓу земјите каде тие првично бараат засолниште и државите кои се нивна крајна дестинација. Во колумна во Хафингтон Пост, Керим повикува претстојното Генерално собрание на ОН да се искористи за постигнување на таков договор меѓу Турција, Либан, Јордан и Кенија, каде се сместени најголем број од бегалците, и земјите од Европа, Северна Америка и Азија каде бегалците бараат трајно засолниште.

– Како поранешен претседател на Генералното собрание на ОН, и како поранешен министер за надворешни работи на Македонија, земја чија економија и социјална структура беа силно погодени од актуелната криза, јас сум загрижен што не се покажа повеќе солидарност и заедничка посветеност. Знам дека можеме да дејствуваме подобро, пишува Керим во обраќањето до државите – членки на меѓународната организација.

Според него, светските лидери мораат да се водат од неколку принципи во пристапот до бегалската криза, вклучувајќи ја тука и обврската да се стави приоритет на заштитата на животите на лицата во опасност.

– Вредноста на човечкиот живот мора да биде приоритет при решавањето на мигрантската криза. Нехуманото однесување кон бегалците и азилантите е неприфатливо од морална гледна точка. Не можеме да зборуваме за мир и безбедност доколку не сме подготвени да им помогнеме на деца кои бегаат од нивните домови како резултат на насилен конфликт. Парадокс е зборуваме за демократија ако создаваме пречки за тие кои бараат подобар живот и стабилност, додава Керим.

Според Керим, Обединетите нации се создадени токму со таа цел – да разрешуваат глобални проблеми како бегалската криза, која се однесува на милиони граѓани од голем број нации, и која мора да се разрешува колективно и инклузивно.