Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЌе се мери спроведувањето на реформите во правосудството

Ќе се мери спроведувањето на реформите во правосудството

Центарот за правни истражувања и анализи заедно со Министерството за правда и со Судскиот совет секоја година ќе врши мерење на начинот на кој се спроведуваат реформите во правосудниот систем во земјава.

– Досега во Македонија се донесени две стратегии за реформи во правосудниот систем, а немаме појдовна точка од која може да почнеме со новите реформи – изјави Никола Јовановски од Центарот за правни истражувања и анализи на денешната промоција на „Матрица за мерење на перформансите во правосудството во Македонија“ што се одржа денеска во хотелот „Мериот“.

На промоцијата присуствуваа министерот за правда, Билен Саљији, и амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Чарлс Гарет.

Како што истакна Јовановски, податоците од истражувањето, кое ќе се врши секоја година, ќе се споредуваат со податоците што ги има Судскиот совет, како и со тие од меѓународните институции. Мерењето ќе биде спроведено во првата половина на 2018 година, а со истражувањето ќе бидат опфатени судиите и судската администрација, адвокатите, јавните обвинители и државните правобранители, нотарите, извршители и посредници, физички и правни лица како странки во судските постапки, како и медиумите, невладиниот сектор и академската заедница.

Министерот за правда Билен Саљији рече дека со матрицата првпат во македонското правосудство ќе се овозможи системско оценување на реформите врз основа на мерливи и јасни критериуми. Тој посочи дека новата стратегија за реформи во правосудниот систем за следниот период од пет години ќе ги постави новите приоритети за судски реформи и за понатамошен развој.

Амбасадорот на Велика Британија, Чарлс Гарет, изјави оти смета дека податоците од истражувањето како работи правниот систем во Македонија ќе овозможат да се идентификуваат начините како тој да се подобри.

– Матрицата ќе помогне да се подобри квалитетот на работата на правосудниот систем, ќе донесе придобивки за сите граѓани, ќе им помогне на владите да работат за граѓаните, на судовите правично и ефикасно да работат, а ќе овозможи и да се чуе гласот на граѓанскиот сектор и да овозможи бизнисот да прави профит – рече Гарет.

Матрицата е изработена од Центарот за правни истражувања и анализи, во соработка со Министерството за правда и со Судскиот совет, како дел од програмата „Подобрување на квалитетот на правдата во Македонија преку градење капацитети за судии и за надзор на судски реформи“, поддржана од Амбасадата на Велика Британија.