Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЌе се формира координативно тело за борба против загадувањето во Општина Аеродром

Ќе се формира координативно тело за борба против загадувањето во Општина Аеродром

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин на вчерашната средба со заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули договорил формирање координативно тело за борба против загадувањето, во кое би учествувале сите скопски општини, Град Скопје и Министерството за заштита на животна средина и просторно планирање.

Соработката почнува во рамките на проектот „Пријави загадувач“, со цел да се опфатат сите правни субјекти, за кои се надлежни различни институции.

Општина Аеродром е надлежна за правните субјекти кои се задолжени со елаборати за животна средина, за правни субјекти со Б интегрирана дозвола е надлежен Град Скопје, а за индустриски капацитети/производни погони кои поседуваат А-интегрирана дозвола е надлежно Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Се надеваме дека Координативното тело ќе овозможи ефикасни и навремени интервенции за сите правни субјекти и дека преку оваа соработка ќе успееме да воспоставиме и интегрирана база на загадувачи, кои сите служби ќе можат редовно да ги следат и регулираат“, велат од Општина Аеродром.

Како мерка против загадувањето Општина Аеродром воведе двосменско работење на комуналните инспектори, кои се достапни секој ден од 08.30 до 22 часот на телефонскиот број ‎075 316 515.