Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаЌе преземе ли некој одговорност за трагедијата во Преспанското езеро?

Ќе преземе ли некој одговорност за трагедијата во Преспанското езеро?

Последната трагедија, која се случи на националниот празник Илинден, кога во водите на Преспанското езеро исчезна шеснаесетгодишно момче, повторно ги отвора дилемите дали во Македонија има закон кој ќе се грижи за безбедноста на граѓаните додека се на одмор?

Имено, неретки се случаите, секое лето, некое од македонските езера (или природните, или некои од вештачките акумулации), „да го земат својот данок“, односно во нивните води да се загуби човечки живот. Секој живот е вреден, но кога станува збор за малолетно лице, пред кого животот бил исправен, трагедијата е најголема.

Во функционалните општества, има спасувачи на плажа, кои се грижат за безбедноста на капачите. Во нашата држава, во „дивиот“ туризам, никој не води контрола на издавање на популарните педалинки, кои особено се користат од помладите генерации. Има ли институција која ги прегледува дали се исправни за употреба, има ли институција која дава дозвола за нивна употреба, и постои ли закон, според кој тие можат да бидат од одредени граѓани ползувани, а од кои не?

Дали смее, непливач, да изјами педалинка, и истата да ја користи, на своја совест и свест, и доколу настане трагедија, како што е последнава, која ја потресе целокупната јавност, одговорноста повторно ќе падне на жртвата, и евентуално на нејзините родители?

Македонскиот познат менталитет, е научен да се движи по работ на законите. Секогаш кога ќе настанат вакви трагедии со фатални последици, тогаш се отвораат низа прашања, кои новинарите ги поставуваат, а институциите на системот молчат, или пак си ја префрлаат одговорноста или вината, како по старата македонска практика.

Засега неофицијалните извори од местото на настанот во Преспанското езеро, говорат дека педалинката се превртела, а две од три момчиња успеале да се спасат, додека на другото му се губи трагата во водите на езерото. Има и друга верзија, во која се вели дека момчето само скокнало во езерото.

Како и да е, згасна уште еден премлад  живот, кој доколку институциите во оваа земја, и пред се законите функционираат, можеби ќе беше спасен. Милион прашања, ниту еден релевантен одговор. Се така, до следната трагедија. За жал, во оваа земја, функционира правилото „секое чудо за три дена, кај нас е еден“.

Фото: tv21.tv