Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЌе има ли нова влада до неделава?

Ќе има ли нова влада до неделава?

Преговорите за состав на новата влада продолжуваат и денеска. Зијадин Села, шефот на коалицијата Алијанса за Албанците денеска ќе одржи конференција за медиуми, првпат откако беше претепан за време на немилите настани во Собранието на 27 април. На Заев најтешко му е во преговорите со Беса, кои бараат во составот на новата влада да нема ниту едно лице под истрага во предметите на СЈО, а и изборот на Џафери за собраниски спикер не се совпаѓа со нивните политички определби. Можно е новата влада да биде избрана до петок, во сабота е конгресот на СДСМ, пишува „МКД“.

На 27 мај, на конгресот на СДСМ Зоран Заев е единствениот кандидат за претседател на партијата. Можно е делегатите тогаш новиот премиер по вторпат да го изберат за претседател на СДСМ.

Викендов мандатарот за состав на новата влада, Зоран Заев имаше интензивни партиски преговори со идните коалициски партнери, но и внатрепартиски разговори за програмата и поделбата на ресорите. За денеска е најавена повторна средба меѓу Заев и првиот човек на ДУИ Али Ахмети.

Претставници на партиите од собраниското мнозинство изјавуваат дека сѐ уште се разговара за идните приоритети и принципи на новата влада и усогласување на ставовите, а не и за министерските места.

Рокот за состав на нова влада истекува на 6 јуни, 20 дена по давањето на мандатот. Заев на 17 мај, денот кога претседателот Ѓорге Иванов му го даде мандатот, изјави дека ќе се обиде владата да ја состави за десетина дена.

Деновиве комуникацијата меѓу членовите на работните групи на политичките партии СДСМ, ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците продолжува.

Неофицијално веќе се споменуваат и имињата за дел од ресорите: со МВР би раководел Оливер Спасовски, Министерството за одбрана – Радмила Шекеринска, МНР – Никола Димитров, Министерство за финансии – Кире Наумов или Драган Тевдовски, Министерство за труд и социјални работи – Фросина Ременски, Министерство за земјоделство – Љупчо Николовски, од ДУИ се споменуваат имињата на Артан Груби, Теута Арифи и Изет Меџити… За Алијансата за Албанците предвидено било едно вицепремиерско место, едно министерство и заменик министер.

Движењето Беса и натаму е без одлука дали ќе биде дел од извршната власт или нивните пратеници ќе бидат само поддршка на владината политика. Беса очигледно многу повеќе е насочена кон локалните избори во октомври.

Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека штом ги добие програмата и составот на новата влада, тој веднаш ќе свика собраниска седница. Влада се избира со мнозинство од 61 глас.

На 24 мај високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини во Брисел организира неформална вечера со премиерите на шестте балкански земји Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија. Сѐ уште не се знае кој ќе ја претставува Македонија на оваа вечера – актуелниот технички министер Емил Димитриев или мандатарот Зоран Заев.