Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаКазни за Македонците со бугарски пасоши кои гласале на европските избори

Казни за Македонците со бугарски пасоши кои гласале на европските избори

За Македонците со бугарски пасоши од исток почнаа да стигаат казни високи и до илјада лева. Казнети се затоа што во мај лани гласале на европските избори во бугарските конзуларни претставништва во Македонија, а немале право, пренесува Телма.

Најмногу постапки според бугарските медиуми се водат во пограничните градови Благоевград и Ќустендил каде се домашните адреси на многу новопечени македонски Бугари. Во Благоевград се покренати постапки против 283-ца иматели на двојни пасоши, во Ќустендил за 250 двојни државјани. Обвинителка од Благоевград за Телма објаснува дека македонците згрешиле по два закони.

– Затоа што го искористиле гласачкото право иако немале поради неисполнување на условот за живеалиште. Под тој услов за да се гласа на европските избори мора пред денот на одржувањето, непрекинато најмалку три месеци да имаат живеалиште односно престојувалиште во Бугарија или во земја членка на ЕУ. Вториот престап е што тие самите пред избирачките одбори декларирале дека имаат избирачко право, изјави Весела Стоилова, обвинителка и портпарол на Обвинителството во Благоевград, Бугарија.

Претседателот на судот во Ќустендил Андреј Радев потврди дека има такви постапки и во неговиот суд, но рече дека се проверува точната бројка.

– Сигурно не се 250, нема повеќе од 30 такви судења, ни изјави Радев телефонски. Казната за македонците гласачи со бугарски пасоши во Ќустендил е илјада лева, односно 500-тини евра. Најголемиот дел од постапките во Благоевградта се уште се водат.

Од вкупно 283-ца, за три лица се прекинати постапките затоа што потврдиле дека престојувале во Бугарија или во земја на европската Унија повеќе од три месеци пред изборите. 85-мина направиле спогодба со обвинителство и се осудени на помали казни.

– По прифаќањето на спогодбата од страна на судот на 85-мина им е пишана глоба од по 300 лева, изјави обвинителката Стоилова.

Во бугарските медиуми се цитира изјава на извесен Благој Панов кој тврди дека за гласањето во бугарската амбасада во Скопје, 20 членови од неговото семејство се осудени на глоба од по илјада лева. Тврди дека никој не ги известил дека немаат право да гласаат. Но левовите од пишаните казни ќе мора да летнат кон неговата втора татковина.