Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитика„Катимерини“: Нимиц сака преговорите да ги подигне на министерско и премиерско ниво

„Катимерини“: Нимиц сака преговорите да ги подигне на министерско и премиерско ниво

Медијаторот за спорот за името Метју Нимиц е охрабрен од последниот развој на настаните и е убеден дека ќе се постигне решение, пишува грчкиот весник „Катимерини“, додавајќи дека како неформална временска рамка за решавањето на проблемот е самитот на ЕУ во јуни и самитот на НАТО во јули следната година.

Весникот коментира дека Нимиц во оваа фаза од преговорите нема да излезе со конкретен предлог за името, но кога тоа ќе го направи, ќе стане збор за сложено име со географска одредница.

„Неговиот последен предлог ‘Република Северна Македонија“ се уште е на маса“, наведува „Катимерини“ и притоа потсетува дека претходно биле предложени „Република Горна Македонија“ и „Република Вардарска Македонија“.

Медијаторот во оваа фаза ќе работи на подобрување на климата во разговорите преку симболичен гест, како што е промена на името на скопскиот аеродром, наведува весникот.

„Нимиц се потпира дека реализмот и посветеноста на новиот премиер на ФИРОМ, Зоран Заев. Заев истакна дека е подготвен за храбри политички чекори, дури и по цена да ги изгуби следните парламентарни избори, да направи компромис кој ќе ги отвори вратите на оваа балканска земја за членство во Европската Унија и НАТО“, се наведува во текстот.

Весникот наведува Нимиц планира да ги интензивира преговорите и да ги подигне на повисоко ниво, во нив да ги вклучи и министрите за надворешни работи, па дури и премиерите.

Имајќи предвид дека прашањето е деликатно за двете страни, медијаторот сосема разбирливо и дава особено значење на јавноста на двете земји, особено што за да се постигне договор, потребна е согласност и од опозицијата во земјите.

„Во однос на Грција, постои загриженост поради ставовите на помалиот коалиционен партнер, десничарската националистичка партија Независни Грци,. Сепак, постои и загриженост за реакцијата на од опозициската Нова демократија, која е партија во која има и прагматично либерални политичари, но и конзервативни, за кои не е сигурно дека ќе поддржат договор“, пишува весникот.

Во однос на политичкото милје во Македонија, како главен кочничар се наведува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Оставката на долгогодишниот лидер Никола Груевски дава некоја надеж, но се ќе зависи од тоа кој ќе го наследи на челната позиција“’, заклучува „Катимерини“.