Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаКарпош ги промовира енергетските задруги , за производство на електрична енергија и заштита на околината

Карпош ги промовира енергетските задруги , за производство на електрична енергија и заштита на околината

Општина Карпош и фондацијата Фридрих Еберт го спроведоа проектот „Електроенергетски, независен и самоодржлив Карпош“. Преку подготовката на публикација, се увидоа можностите на Карпош за дополнителен развој и користење на обновливите извори на енергија. Евидентирани се потенцијалите за поставување на фотоволтаични електрани на кровните површини на градинките, за производство на електрична енергија.
Исто така, публикацијата ги мапира Бардовци и Злокуќани како поволни делови за развој на енергетските задруги, а во оваа насока се надоврза и градоначалникот Стефан Богоев.
– Општина Карпош со проектот„COOL HEATING“ се обврзува целата нова населба Злокуќани и Бардовци да биде со посебен модулаерн систем за греење и ладење, со обновливи извори на енергија и со можност да се развива и како енергетска задруга.
Исто така, локалната самоуправа прави сериозни напори за заштеда на средства за потрошувачка на електрична енергија.
Со последната јавна набавка на електрична енергија, за основните училишта и административните објекти заштедивме повеќе од 50% буџетски средства. Ако порано се плаќало 10 денари по киловат час за едно училиште, денеска, цената со вклучено ДДВ е околу 4,8 денари, истакна Богоев.
На денешниот настан, публикацијата беше презентирана од страна на проектниот тим: Ангела Најдоска, Тина Манолева, Ивана Вучкова, Љупчо Димов и Драган Миновски. Тие ја акцентираа потребата, енергетските задруги да бидат опфатени со законската и подзаконската регулатива.