Thursday, Apr 25, 2024
HomeИздвојувамеКапиталистичко здравство со капитални жртви

Капиталистичко здравство со капитални жртви

Прероденото здравство неспособно да породи без да убие. Докторската негрижа не престанува да ги шокира луѓето кои зависат од нивната грижа.

Се уште е свежо сеќавањето на починатите родилка и бебе во гевгелиската болница кои починаа поради анестезиолозите кои биле алкохолизирани и неспособни да си ја вршат работата. Да потенцираме, АЛКОХОЛИЗИРАНИ. „Господо“ анестезиолози навистина многу ме интересира каков е тој ментален склоп кој ви дозволува да си играте со туѓите животи и притоа да се однесувате како да играте видео игра, (game over – ништо страшно, тука е опцијата play again).

Што ви вели вашата совест кога ќе посегнете по чашката со алкохол знаејќи дека неколку животи (буквално) држите во раце? Најверојатно вашите колеги психијатри го имаат овој одговор. Но веќе е залудно. Вие убивте. А во реалниот живот ја нема опцијата play again. Најверојатно не ве допира ниту фактот дека некое дете останало без мајка поради вас. Како би ве допрело, па за вас тоа е само бројка.
bebinjaСамо неполн месец порано, почина родилка во тетовската болница поради нестручно изведено породување, а докторот веднаш беше суспендиран. Во истата болница во 2010 почина уште една родилка со своето бебе, од истата причина. Црн е и билансот во велешката болница со сомнителните смтрни случаи. Таму починаа три родилки и едно бебе, а случајот од 2003-та година е еден од ретките примери кога доктор одговара за своето дело, со затворска казна. Докторот доби една година.

За суспензија, отказ и одземање на лиценцата не треба да се разговара, тоа се подразбира. На ваквите „професионалци“ треба да им се суди и тоа за убиство со умисла. Секој е трезен и свесен пред да ја испие првата чаша, а доктор (човек од кои зависи туѓиот живот) не смее да си дозволи да ја испие. Онаа прва чаша што ја пие со умисла.

Фотографија од гинеколошкото одделение во тетовската болница објавено на порталот Inbox 7

Фотографија од гинеколошкото одделение во тетовската болница објавено на порталот Inbox 7

Најновите поразувачки и алармантни резултати покажаа дека Македонија е прва на европската листа за смртност на бебиња. Платформата за родова еднаквост која ги презентираше податоците, како една од главните причини за зголемената смртност ги наведе недоволните буџетските средства за превентивна здравствена заштита на мајките и децата кои секоја година се намалуваат и пренаменуваат за други цели, како и недостатокот на матични гинеколози и гинеколошки установи, особено во општините со највисока стапка на смртност во државата.

Од организацијата Хера споменаа дека треба целосно да се укинат трошоците за партиципација коишто жените ги плаќаат. Но, Националниот совет за родова рамноправност удри директно во сржта. Тие велат: „ФЗО да изнајде трајно решение за проблемот со незаконска наплата на услугите во ординациите на матичните гинеколози и веднаш да отпочне со ко-финансирање на породувања во приватни здравствени установи“.

„Довербата“ во државното здравство, а богами и парите уплатени за истото, ќе ги примораат жените да одат само во приватни клиники. Не, ко-финансирањето нема да помогне, освен на оние кои „познаваат човек кој познава човек“.
todorovНекои нема да се одлучат за деца, некои ќе се „снајдат“ и ќе соберат пари, а оние кои сепак ќе решат да ризикуваат, се почесто ќе бидат оставани да умираат бидејќи на докторите „им се пиело“. Тогаш проектот за трето дете ќе остане наменет само за оние кои успеале да ги преживеат првите две породувања.

Дали тогаш преродбениот министер ќе го види фактот дека ниту ало докторе, ниту мој термин, ниту тоа што државното здравство го наполни со исфрустрирани доктори, не само што не спасува, туку и згаснува животи на нови деца. На истите деца за кои води добро платена политичка кампања за подигнување на наталитетот. Или воопшто не му е важен животот на тие деца, животот на било кое дете. Важни се само парите. Такви се правилата во капиталистичкото државно здравство, мора да има капитални жртви.

автор: Кристина Атовска

Не е дозволено преземање на оваа содржина без согласност од редакцијата на Позитив.мк, освен со линк до конкретната страница.