Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАЦрна хроникаКамион прегази 71-годишен велосипедист на патот Виница-Берово

Камион прегази 71-годишен велосипедист на патот Виница-Берово

На регионалниот пат Виница-Берово, кај местото викано Говедарски пат, 71-годишен виничанец утринава го загубил животот, информира портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова.

Панајотова појасни дека починатиот виничанец со својот велосипед се движел по регионалниот пат и од засега непознати причини во него удрил камион марка „пежо боксер“, управуван од 41 годишен жител на Кочани.

– Во незгодата на лице место починал 71 годишниот виничанец. Увид извршил јавен обвинител и полициски службеници од полициската станица во Виница – рече Панајотова.

Лекарите од Итната медицинска помош во Виница кои пристигнале на местото на несреќата само ја констатирале смртта на 71-годишниот виничанец. Во текот на летниот период регионалните патни правци Штип-Делчево и Виница-Берово се фреквентни, а земјоделците во овој регион како превозно средство до своите ниви ги користат велосипедите, затоа се апелира на возачите да внимаваат и да возат согласно сигнализацијата на патот.