Tuesday, Apr 16, 2024
HomeДЕНЕШНАСветКамерон сосема излегува од политиката, заминува и од парламентот

Камерон сосема излегува од политиката, заминува и од парламентот

Поранешниот британски премиер, Дејвид Камерон вчера изјави дека се повлекува од местото пратеник во парламентот и ја завршува политичката кариера по поразот на 23-ти јуни, кога британските избирачи гласаа за излегување на земјата од Европската унија и покрај неговата кампања за останување.

Сега 49-годишниот Дејвид Камерон кој Владата на Велика Британија ја презема во 2010 година, изјави дека ја информирал актуелната премиерка Тереза Меј, којашто го наследи на премиерската должност, за својата одлука со што ќе престане да ја застапува својата изборна единица Витни во Оксфордшир.

„За тоа долго и напорно размислував летово и одлучив дека е исправно да се повлечам“, рекол Камерон. Појаснил дека не сака да биде пратеник, како поранешен премиер кој ќе го свртува вниманието од личностите коишто денес ја водат државата.

Камерон оставката на премиерската должност ја поднесе на 24-ти јуни, ден откако 52 отсто од Британците се оглушија од неговите повици да гласаат за останување во Европската унија. Тогаш образложи дека на земјата ѝ е потребно „свежо раководство“ коешто ќе ги испреговара условите за излегување на Велика Британија од ЕУ (Brexit).

Премиерката Меј се дистанцираше од некои политики коишто ги спроведуваше Камерон, на пример политиката во образованието, а тој изјави дека ја поддржува.

„Го поддржувам она што таа го прави, Ќе има сопствени ставови за различните прашања. За тоа всушност станува збор“, изјави поранешниот премиер кој од 2011 година ја застапува својата изборна единици и челник на конзервативната партија стана во 2005 година, а по пет години стана и британски премиер.