Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаКаматите лани „изеле“ над 80% од оперативната добивка на Скопски пазар

Каматите лани „изеле“ над 80% од оперативната добивка на Скопски пазар

Дури 82.5 проценти од оперативната добивка на Скопски пазар минатата година отишле на отплата на камати за кредити и заеми, покажува годишниот финансиски извештај на компанијата.

Во ситуација кога пријавената добивка од оперативно работење лани изнесувала 54,9 милиони денари (878,000 евра), фирмата платилa 45,3 милиони денари (околу 725.000 евра) само за камати, покажува извештајот. Oва е јасен индикатор за тоа во каква финансиска состојба се наоѓа Скопски пазар, компанија која некогаш важеше за трговски гигант.

Скопски пазар изминативе месеци се најде во фокусот на јавноста откако раководството одлучи да ја повлече компанијата од бизнисот со супермаркетите и започна со продажба и издавање на најатрактивните недвижнини.

Во 2017 година, приходите на СП од продажба се намалиле за 25 проценти, односно за 168,5 милиони денари (околу 2,7 милиони евра) во споредба со претходната година, што значи дека компанијата лани загубила четвртина од својата пазарна позиција, покажуваат податоците од извештајот.

Останатите приходи на СП лани изнесувале 95,9 милиони денари и тоа во најголем дел се приходи кои се остварени од продажба на недвижности или опрема. Во споредба со 2016 година, лани тие биле повисоки за 42 отсто.

Но, нивото на оперативна добивка на компанијата лани во ништо не се разликува од 2016 година, поради губењето на пазарната позиција. За ова дополнително говори и ставката за набавната вредност на трговските стоки – СП ги намалил трошоците за 118 милиони денари, односно за 36.6 проценти. И покрај ова, трошокот за вработени лани се намалил за само 8 проценти, односно за 12 милиони денари. Ова значи дека и при голем пад на пазарната позиција, компанијата имала голем трошок за вработените,  што укажува на голем пад на продуктивноста.

Според извештајот, компанијата успеала за нијанса да ги намали финансиските расходи од 50 на 45 милиони денари, но тоа е неважно кога ќе се согледа дека компанијата троши 82,5 отсто од оперативната добивка на финансиски расходи. Добивката на „Скопски пазар“ на крај на 2017 година е сведена на 6,7 милиони денари и е трипати повисока во однос на 2016 година. Но, кога се има предвид за колкава компанија станува збор, јасно е дека се работи за прескромни бројки.

Скопски пазар на крајот на 2017 година имал вкупни обврски од 1,122 милијардa денари (околу 18.2 милиони евра) и во однос на 2016 година се намалени за 6 проценти. Долгорочните кредитни обврски изнесуваат 344,66 милиони денари и во однос на 2016 година се намалени за 21 отсто, а за краткорочни кредити се намалени за 13 отсто и изнесуваат 115,8 милиони денари. Тоа значи дека долгот по кредити е 460 милиони денари (околу 7.5 милиони евра). На добавувачите им должи 258 милиони денари или 70 милиони денари помалку од лани.Наспроти тоа побарувањата се само 12 милиони денари. Останатите краткорочни обврски се значајно зголемени  – за 104 милиони денари, до износ од 365 милиони денари, покажува извештајот.