Wednesday, Mar 29, 2017
HomeДЕНЕШНАЕкономијаКакви возови ни подготвиле Кинезите

Какви возови ни подготвиле Кинезите

Владо Мисајловски министерот за транспорт и врски ќе ја посети Кина за да види како оди нарачката од компанијата ЦСР Корпорејшн ЛТД која ги изработува новите шест патнички возови за Македонски железници.

Мисајловски, кој е придружуван од директорот на МЖ Транспорт Никола Костов на средба со менаџментот на ЦСР ќе разговараат за реализацијата на договорот со кој Македонија набавува нови четири дизел моторни и две електро моторни гарнитури.

Според најавите, испораката на првиот воз ќе биде летово, а на останатите гарнитури етапно, така што секој месец ќе пристигнува по една.

Новите патнички возови ќе имаат вкупен капацитет од 1.200 патници, што ќе покрива 60 проценти од линиите што ги одржува МЖ – Транспорт. Треба да бидат климатизирани, опремени со вакуум тоалети, да ги задоволуваат најстрогите мерки за енергетска ефикасност, да ги исполнуваат безбедносните стандарди, како и услови за превоз на лица со ограничено движење.

Набавката на возовите се врши со 25 милиони евра, дел од кредитот од Европската банка за обнова и развој наменет за обнова на возниот парк на МЖ Транспорт. Со 15 милиони евра од кредитот се финансираше и купувањето 150 товарни вагони за МЖ – Транспорт, а со 10 милиони евра обновата на постоечките локомотиви и гарнитури.

„ЦСР“ е еден од најголемите светски производители на локомотиви и вагони за превоз на патници и стока. Произведува и сервисира локомотиви и вагони за патници и за товар, мотори за возила и возила за градски превоз и соодветни компоненти, а ја има произведено и првата електрична локомотива во НР Кина.