Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаКаква иновација нудат новите македонски функционални колачи?

Каква иновација нудат новите македонски функционални колачи?

На македонскиот пазар ќе бидат понудени првите функционални колачи од домашно производство со активни и здрави состојки. Иновацијата на Жито пром за технолошкиот процес е поддржана и од ФИТР.

Станува збор за први колачи од македонско производство, кои позитивно влијаат врз метаболизмот, како и врз целокупното здравје на човекот. 
Новата линија производи, поддржана од ФИТР, е целосно развиена во последните неколку години во т.н. пандемиска реалност. Фокусот е на современите потрошувачи кои водат грижа за својот имунолошки систем. 

-​Мотивацијата за новиот проект што денеска го презентираме беше поттикната од потребата за проширување на палетата на производи, и со тоа диверсифицирање на ризикот, како и следење на светските трендови во нашата индустрија. Станува збор за развој на сладок асортиман на функционални колачи со вклучени активни состојки, коишто се дел од балансираната и здрава исхрана. Кога во една држава соработуваат клучните учесници за развој на економијата, поточно индустријата, науката и државните институции тогаш се повеќе ќе имаме развој на вакви проекти и иновативни производи што ќе значат напредок за целото општество – рече Татјана Танева Новаковска, генерален менаџер на Жито Пром – Гевгелија, компанијата која стои зад брендот 4U.

Проектот „Линија функционални колачи 4U“ е реализиран во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР). Од името на Фондот се обрати Никола Клопчевски – сектор за мониторинг на ФИТР:- ФИТР има повеќе од 700 корисници, а Жито Пром и линијата на здрава функционална храна е една од најуспешните приказни, во последна фаза на реализација. Проектот е поддржан од јавниот повик за КОмерцализација на иновации со речиси 160.000 евра, додека вкупниот обем на инвестиции изнесува околу225.000 евра – подвлече Клопч. 

Развивањето на линијата здрави колачи 4U е одличен пример за доброто функционирање на спрегата наука – производство, со цел создавање храна на иднината. Таа ќе ги задоволи современите барања и потреби на потрошувачите на македонскиот и на странскиот пазар. Тенденцијата е ваквите производи да бидат лесно достапни во аптеките, продавниците за здрава храна и останати специјализирани продавници. Корисници на оваа функционалната храна, ќе бидат популација помеѓу 30 и 60 години, едуцирани и работоспособни луѓе, кариерно ориентирани луѓе кои консумираат закуски во движење, луѓе кои се грижат за своето здравје и изглед. – За големо поздравување е понудената соработка на компанијата Жито Пром, со Технолошко-металуршкиот факултет или Катедрата за прехранбена и биотехнологија, каде беше направено и самото истражување и развојот. Добиените производи беа предизвик токму поради фактот дека се иновација на пазарот. За прв пат во Македонија беше направена анализа во новата лабораторија за сензорско анализање на прехранбени производи на Технолошко-металуршкиот факултет, од страна на  обучен кадар или панелисти. Како споредбени беа направени и специфична анализи на текстурата и бојата на колачите чија цел беше да се одреди прифатливоста на производите од страна на конзументите. Како научник, лично сметам дека преку овој проект се оствари една огромна соработка на академијата и прехранбената индустрија во Македонија – потенцираше проф. д-р Јана Клопчевска од Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје. 

Пакувањата содржат по шест колачи и на нив е наведена количината на функционалната компонента односно дозволената количина за конзумирање на дневна основа. Препорачуваме конзумирање на едно пакетче на ден за едно лице.- Функционални колачи 4U претставуваат храна која нуди здравствени придобивки над нивната хранлива вредност, бидејќи станува збор за производи збогатени со витамини, минерали, прeбиотици, растителни влакна и други супстанци кои ги зголемуваат здравственитепридобивки. При развојот на производите го имавме предвид и пандемискиот период, односно состојките кои влијаат врз зајакнување на имунолошкиот систем –истакна технологот Ангелчо Јованов.

Жито Пром – Гевгелија е семејна компанија која во прехранбената индустрија работи повеќе од 25 години. Палетата на производи во моментов вклучува мелнички производи, како пченично брашно и сточно брашно, индустриски полнежи за кондиторски производи и кроасани препознатливи под брендот 4U. Брашното произведено од високо квалитетна пченица се пласира на домашниот пазар,додека кроасаните покрај во државава, се присутни и на 20 странски пазари. 

Компанијата има сопственото производство на клучните состојки во производот како брашното и полнежите. Тоа што е специфично за кроасаните е дека самото тесто се подготвува со природен квасец – мајка, која е стара веќе 100 години и кај нас е донесена од Италија.