Saturday, Apr 20, 2024
HomeГОВОРНИЦАКолумнаКако теориите на заговор можат да станат мејнстрим идеологии?

Како теориите на заговор можат да станат мејнстрим идеологии?

Се чини дека во последно време теориите на заговор завладеаја со светот. Дали со ширењето на вирусот најпосле заврши ерата на разумот во чие време – во последните неколку стотина години – човештвото незабележливо напредуваше на сите фронтови? Мрачните околности на пандемијата, општата несигурност и големата количина неверодостојни информации, често и ноторни лаги, отежнуваат бројни значајни факти за јавноста да се пробијат низ шумата на заговорите.

Меѓутоа, раката на теоретичарите на заговори не е толку долга. Иако секоја теорија на заговор може да стане опасно оружје во рацете на автократите и манипулаторите на јавното мислење, средство кое ќе ја оправдува догмата или ќе потикнува погроми, оваа ирационална социјална патологија самата по себе не може да го мобилизира целиот свет. Иако разни теории на заговори на многу луѓе ќе им бидат интересни во отсуство на доверба во официјалните информации, што најчесто ја објаснува нивната експлозија на социјалните мрежи за време на пандемијата, мал е процентот на оние кои можат да им останат доследни.

Колку рационалните луѓе, генерално, можат да ги прифатат апсурдните верувања дека со светот владејат луѓе-гуштери, дека се прикриваат траги на НЛО-а, дека со масите се управува со ставање флуор во јавните водоводи и дека на луѓето влијае прскањето со опасни супстанци од авиони (chem trails), па дури и дека заразните болести како Ковид-19 се измислени со цел да се чипуваат луѓето?

Теоријата на заговор, без разлика дали е за илуминатите или произведувачите на заштитни маски, без никакви мистификации, секоаш кај оној што верува во неа подразбира извесна делузија, привид, верување кое не е втемелено на рационални факти дека постои таен заговор кој објаснува некој феномен (а за кој постои поедноставно објаснување). Верувањето дека милиони луѓе одеднаш почнаа да веруваат во тоа и самото има елементи на теорија на заговор.

Иако тоа можеби ве загрижува, повеќето луѓе со леснотија ги препознаваат лажните ветувања дури и кога не се свесни за податоците кои укажуваат на нивната невистинитост. Секако нема да има потреба детално да студирате нечие тврдење за да проверите дали со светот навистина владее тајна влада на илуминатите, без оглед колку тоа се шири на Твитер или во таблоидните медиуми. Ќе ја препознаете едноставно „по естетиката“.

Самата оваа информација во себе главно содржи „копче за самоуништување“ – таа е премногу сложена, со многу нејасни крајови и секогаш постојат поедноставни објаснувања кои се и во склад со Окамовата острица. На пример, кај заговорот за слетувањето на Месечината многу поедноставно е објаснувањето дека Армстронг и Олдрин навистина прелетаа пат од 384 400 километри до Земјиниот сателит и назад, отколку стотици илјади луѓе половина век упорно да ја кријат тајната дека целиот случај е режиран во студиото на Кјубрик (теориите на заговор понекогаш нудат еден полуд, но и повозбудлив свет од оној во кој живееме).

Покрај тоа, како што е случај и со другите псевдонаучни теории, теориите на заговор често се непроверливи, односно не се фалсификабилни, како што би рекол Карл Попер. Не можат да се стават на тест зашто претендираат дека се „целосни, неспорни вистини“ каде нема што да се проверува, додека се темелат на вкрстени тврдења и продавање магла – на пример, секој обид да се докаже дека слетувањето на Месечината не го режирал Стенли Кјубрик станува нов доказ дека постои заговор.

Иако, впрочем, ретко се успешни, реалните заговори понекогаш навистина ја менуваат историјата – доведуваат на власт одметнати генерали, овозможуваат некаков лукав грабеж, соборуваат династии или го рушат постоечкиот поредок, па дури, како во случајот со Црната рака, можат да поттикнат светска војна.

Меѓутоа, за разлика од заговорите, теориите на заговор мошне ретко се случуваат на историската сцена. Нивниот театар е потесен и за протагонистите се одвива во камп приколки, на опскурни радио и ТВ програми, во малотиражни списанија за мистерии и неизбежно, на психијатриските клиники. Теориите на заговор се маргинален општествен феномен. За тоа сведочат цела низа психолошки студии кои укажуваат на специфичен профил на луѓе кои воопшто можат да поверуваат во заговори.

Влегувањето во психолошкиот свет на луѓето кои веруваат во теории на заговор е еден мрачен пат, оптоварен со осаменички, несреќен живот. Во студијата на Даниел Фримен и Ричард Бентал од 2017 година, утврдено е дека заговорниците на теориите на заговор доаѓаат од разни социјални средини и различни религии, но дека „имаат пониско ниво на физичка и психолошка благосостојба, почесто размислуваат за самоубиство, помалку се поврзани социјално и работно, имаат помалку цврсти емотивни врски, понекогаш и тешките искуства од детството многу веројатно ќе задоволат некои критериуми на ментално нарушување“.

Малку постарата студија на Даглас и Сатон откри интересна врска според која оние кои веруваат во теории на заговор се многу понаклонети и самите да учествуваат во заговори, како и дека постои цврста корелација помеѓу макијавелистичките погледи на животот и склоностите кон верување во теории на заговор. Истражувачот од Универзитетот во Висконсин, Дејвид Барон, објави цела серија трудови со кои успеа да ги класифицира поврзаните верувања кај луѓето кои се склони кон теории на заговор – во различни експерименти успевал да процени колку се склони кон „заговори“ врз основа на мерење на другите склоности како што е магиското верување.

Зошто воопшто се грижиме за теориите на заговор? Иако е често посрамотената теорија на заговор во јавноста по својата природа да се доживува како догма, а не како антидогматско мислење. Тоа е мотивот заради кој толку се истражуваат теориите на заговор, како и зошто во услови на пандемија, општа вознемиреност и страв, доаѓа до инфлација на психолошките студии на оваа тема. Иако денес теориите на заговор се сосема наивни, утре може да станат мејнстрим идеологии.

Карл Попер во култната книга „Отворено општество“ уште во 1945 година вели дека теориите на заговор стануваат екстремно опасни ако на власт дојде некој кој верува во нив. Очигледен пример е врвот на хитлеровата НСДАП во кој повеќето соработници на водачот на Рајхот длабоко и вистински веруваа во ционистички заговор против Германија. Имено, според Попер, но и цела низа други автори, тоталитарните системи се склони своите постапки да ги одмаздат или прогоните да ги оправдуваат со „тајни заговори“ како што беше познатото палење на Рајхстагот во Германија, но и далеку помодерните афери кои се случија пред неколку години после воениот пуч во Турција.

Колку и денешните комуникации да ѝ одат во прилог, теоријата на заговор сепак мора да падне на поволно политичко тло за навистина да стане опасна. Меѓутоа, таа може да стане монструозно оружје на тоталитаризмот кога кај власта ќе пронајде таков плоден терен.

Дури може да се каже дека тоталитаризмот расте во сенка на теоријата на заговор. Таа се шири на опскурни радио програми, меѓу осаменици кои бараат збор на трибини и не можат да загрозат никого, во пасквилите и писмата на читателите, во белешките на психотерапевтите. И тогаш, еден ден, во мрачен пресврт, теоријата на заговор станува идеологија на нови прогони.

Автор: Слободан Бубњевиќ

Извор: naukakrozprice.rs

(Осврт*) По мотивите на текстот од истиот автор „Догма и анти-догматско мислење“ објавен во неделникот „Време“, број 1544, август 2020 година.

* * Забелешка од уредникот: Насловот на оригиналниот текст е „Теорија на заговор 2.0“