Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАЦрна хроникаКако се шверцува злато од Истанбул до Гостивар?

Како се шверцува злато од Истанбул до Гостивар?

Турски автобус дизајниран за шверцување. Во близина на наплатната станица кај Велес, мобилен царински тим откри бункер полн со златен накит и монети. Автобусот сообраќал на редовна линија Истанбул – Гостивар, а влегол во државата од Грција преку граничниот премин Богородица.

Автобусот со царинска придружба е препратен во царинската испостава Скопје 4 кадешто е извршено детално пребарување. Во багажниот простор на автобусот, во средината помеѓу предните тркала е откриен специјално изработен бункер за криумчарење стока од каде се извадени 20 опаковки – најлонски кеси обвиткани со селотејп трака. Во нив се најдени 463 парчиња златен накит (алки, привезоци, ланчиња), 265 пара златни обетки и 40 златни монети. Вкупната тежина на пронајденото злато е 2,7 кг.

Македонски државјанин од Тетово кој во автобусот вршел должност на водич, изјавил дека златото е негово. Случајот е предаден на Одделението за истраги и се врши распит. Против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „криумчарење” до надлежното јавно обвинителство.

Ова е втор спречен обид за шверц на злато овој месец. На сличен начин, на 18 ноември, во турски автобус беа пронајдени 1,5 кг злато.