Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаКако се подели Советот на Град Скопје

Како се подели Советот на Град Скопје

Во Советот на Град Скопје, СДСМ ќе има 21 советник, ВМРО-ДПМНЕ – 17, ДУИ доби три советнички места, Беса – две, а Левица и Алијанса на Албанците ќе имаат по еден советник. ДИК вчера пред полноќ ги објави листите на освоени советнички места во Советот на Град Скопје и во советите на општините.

Меѓу другите, во Советот на Град Скопје ќе бидат и Љубица Јанчева, која е втора на листата на СДСМ. Поради Јанчева, опозицијата напаѓаше дека станува збор за сериозен проблем и конфликт на интереси, оти нејзиниот сопруг, Добре Јанчев, е генерален секретар на ДИК. Од имињата попознати за скопјани, советници на СДСМ ќе бидат и Анжелика Апчевска, како и досегашниот координатор на советничката група на СДСМ, Драги Давчевски, но и двајца Албанци, еден Турчин и еден Ром.

На советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ е генералниот секретар на партијата, Христијан Мицкоски, како и Мухамед Амети, кого градоначалничкиот кандидат Коце Трајановски го промовираше како заменик-градоначалник, ако го освои мандатот. Тука се и поранешниот министер за правда и досегашен советник, Михајло Маневски, актерката Јелена Жугиќ, потоа Ирена Мишева, Владо Поповски, како и претходниот уредник на „Службен весник“, младиот Лука Кржалоски.

Меѓу другите 44 советници е и Драгана Велковска од Левица, партијата за која голем број аналитичари не очекуваа дека ќе влезе во Советот на Град Скопје.