Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаКаде е горивото најскапо, а каде најевтино?

Каде е горивото најскапо, а каде најевтино?

Иако во последниве месеци, цената на нафтата на светскиот пазар е во константен пад, цените на нафтените деривати на домашниот пазар не го пратат светското поевтинување, надлежните тврдоглаво ги „пумпаат“ цените, а бележиме и нелогични флуктуации на истите.

Високи Октани направи анализа, каде е горивото најевтино, а каде најскапо. По последните податоци, најскапото гориво во Европа е во Норвешка, каде што литар бензин 95 изнесува 1,71 евра, а литар дизел чини 1,49 евра, пишува Високи Октани.

Следува Италија, каде граѓаните за литар бензин со 95 октани мораат да издвојат 1,69 евра, а за дизел 1,50 и Велика Британија, каде разликата бензин/дизел е многу мала – 1,69 со 1,65 евра. Најевтината нафта е во Русија, каде литар бензин 95 чини 0,55 евра, а дизел 0,53. По Русија, следи Украина каде цените се 0,89 и 0,83 евра.

Во регионов најевтин бензин се точи во Босна и Херцеговина – 1,07 за литар бензин 95, односно 1,02 за литар дизел, што се во просек најевтини цени во регионот. По БиХ, следува домашниот пазар со 1,15 евра за литар бензин 95, 1,19 евра за бензин 98 и 0,89 евра за литар дизел, што е аналогно на граѓанскиот стандард – прескапо. Трета е Србија, каде што цените варираат од ден на ден и од пумпа до пумпа. Така литар бензин 95 во моментов во просек чини 1,21 евра, додека просечната цена за литар дизел изнесува 1,22 евра.

Следува Црна Гора, каде литар еуросупер BMB 98 чини 1,29, а BMB 95 1,26 евра. Најскапо гориво на Балканов моментално се точи во Хрватска (тоа е еден од начините да се „наплати“ туристичката сезона), каде литар 95-ка чини 1,33 евра, а литар дизел 1,18 евра.