Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаКабинетот на Диме Спасов, распали по министерката за труд и социјала – Фросина Ременски!

Кабинетот на Диме Спасов, распали по министерката за труд и социјала – Фросина Ременски!

Препукувањата на релација ДПМНЕ- СДСМ во Министерството за труд и социјала не престануваат. Овојпат во форма на соопштение од Кабинетот на дополнителниот заменик-министер, Диме Спасов, испратија демант на прес-конференцијата на Ременски и побараа од неа јавно да каже, колку предмети успеала да ги разреши за месец дена колку што е на функцијата.

Според Кабинетот на Спасов, очигледно се работи за партиска насока да се одржуваат прес-конференции без факти и аргументи, со непроверени и паушални информации и обвинувања.

– Техничкиот министер за труд и социјална политика Фросина Ременски својата неспособност за менаџирање на Министерството и реализација на проектите во интерес на граѓаните се обидува да ја компензира со измислување „афери” без никаква суштинска основа. Грубо ја манипулира јавноста со тврдењето дека прво за 2.000 па потоа за 1.400 предмети по жалба за отфрлено и одземено право за социјална парична помош не е одлучувано изминативе девет месеци. Бројката која е посочена е намерно предимензионирана и доведена во друг контекст, стои во соопштението.

Како што додаваат во соопштението, тврдењата не се во иста корелација со вистината, бидејќи обработените предмети ги доставува надлежниот орган во Министерството до Ременски, а потоа министерот ги потпишува, но Министерката Ременски намерно и свесно правела застој во решавањето на предмети по жалба.

– При примопредавање на функцијата, министерот Спасов остави решени над 10,000 решени предмети, решени се и над 40.000 предмети за еднократен отпис на долгови преку министерството за труд и социјална политика. Доколку техничкиот министер Фросина Ременски откако стапи на функцијата, се посветеше на решавање на предметите, досега ќе беа решени барем 1.000 предмети, наведуваат од Кабинетот на дополнителниот заменик-министер.

Во труд и социјала, додаваат, на дневна база има десетина предмети, а бројката на нови во второстепената постапка од доаѓањето на Ременски достигнува број од над 230 предмети.

– Речиси ниту еден предмет не е решен што укажува дека таа и нејзниот кабинет свесно го опструираат процесот на решавање предмети во интерес на граѓаните, тенденциозно се прави застој и се покажува само лажна грижа за социјално ранливите категории на грагани, се наведува во соопштението.

Од Кабинетот на дополнителниот заменик министер не штедеа и на лекции за министерување, според нив, вршењето на функцијата Министер значи отчетност пред граѓаните, а не држење партиски пресови во сала за прес-конференции на државна институција.

– Ја информираме техничката министерка дека доколку некој службеник вработен во Министерството за труд има одредено непостапување, секоја странка согласно Закон има право на претставка до министер за побрзо решавање на предметот, а ако има непостапување од државен службеник и застој на предмети, техничкиот министер Фросина Ременски наместо да изразува лажна загриженост за корисниците, може да покрене иницијатива за одговорност на службениците кои доцнат, посочува Кабинетот.

Од Кабинетот на дополнителниот заменик-министер уште наведуваат дека Фросина Ременски врши невидени политички притисоци преку членови на нејзиниот кабинет кои немаат статус на инспектори а вршат инспекциски надзори.

– Секојдневно стигнуваат жалби од вработените од Центрите за социјална работа кои не можат да ги извршуваат своите работни задачи поради притисоците кои ги поднесуваат. Ременски ангажира во инспекциски надзори и членови на нејзиниот кабинет кои немаат статус на инспектори и истите се водат како членови на Кабинетот на технички министер, стои во соопштението од Кабинетот на Спасов.

Дали и колку ваквите препукувања во Министерството ќе влијаат на ефикасната работа, останува да видиме. Досега новата Министерка нема излезено со информации за сопки во нејзиното работење од страна на дополнителните заменици министри.


Н.С