Thursday, Dec 7, 2017
HomeДЕНЕШНАПолитикаЈункер задоволен од прогресот на Македонија – вратата на ЕУ останува отворена

Јункер задоволен од прогресот на Македонија – вратата на ЕУ останува отворена

zaev-junker-han-520x276

Многу сме задоволни со досегашната работа на премиерот Зоран Заев и иако ова е наша прва средба, знам дека ова е почеток на едно добро пријателство, изјави вчера во Брисел претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев и со еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан.

– Сакаме да ја охрабриме ПЈРМ да продолжи по патот по кој тргна. Прогресот е значителен и сакам да кажам дека се особено важни односите со соседите, како и средбите со Грција кои ќе се одржат месецов – рече Јункер, притоа истакнувајќи дека очекува реформските процеси да продолжат, особено во разузнавачките служби, правосудството и во јавната администрација.

Јункер истакна дека сите земји од Западен Балкан имаат европска перспектива и дека во следните осум до девет месеци ќе одлучат како ќе продолжат со секоја од државите во овој процес, во зависност од постигнатите резултати.

Одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата Јункер кажа дека вратата за членство во ЕУ е отворена за земјите од Западен Балкан, а притоа го искористи уставното име на Македонија.

По тоа следуваше брзо поправање и на сугестија на еврокомесарот Хан се поправи дека наместо во Македонија, бил во Скопје.

Премиерот Заев рече дека средбата минала во срдечен и пријателски разговор и оти го информирале претседателот на ЕК, Јункер, со почнатите реформи и со имплементираните делови од планот „3-6-9“.