Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАСкопјеЈСП засега со стари цени, набавете електронски картички навреме

ЈСП засега со стари цени, набавете електронски картички навреме

Електронските картички сепак нема да го поскапат билетот за автобусите на ЈСП. Старата цена и понатаму останува за месечните билети.

Во ова уверува новиот директор на јавното сообраќајно претпријатие, Игор Јанушев. По жестоките реакции во јавноста проследени од најавата дека со воведувањето на електронската картичка „Моја Скопска“, драстично ќе се зголеми цената на обичниот и месечен билет, сега Јанушев најавува дека вршат анализи на автобускиот превоз на сите линии. А разгледуваат дури и можности за намалување на цените.

Сепак, Јанушев не објасни дали се планира воведување на повратен билет и дали ќе остане иста цената на еднократниот билет кој граѓаните го купуваат во автобусите или ЈСП продажните места.

Игор Јанушев

– Не би сакал ништо однапред да изјавувам, бидејќи во моментов сме сконцентрирани на теренското истражување и на анализата која ќе ја презентираме пред Советот на Град Скопје. Се разбира, крајниот збор за било какви промени го имаат советниците, вели Јанушев.

Тој информираше дека од август, откога почна издавањето на електронските картички до сега се издадени околу 30 илјади персонализирани картички наменети за сите оние кои користат бенефициран јавен превоз како што се ученици, студенти, врабoтени, пензионери.

 Јанушев најави воведување на дневен билет кој ќе важи за сите линии како и картичка со повеќе возења.

– Со новиот систем на наплата, патниците ќе можат да плаќаат со повикување на бројот 185, со доблужување на мобилниот телефон до валидаторот и со СМС-порака, вели Јанушев.

Од почетокот на следната година, на автобуските постојки ќе бидат поставени над 50 информативни екрани на кои ќе се прикажува пристигнувањето на автобусите, а патниците ќе можат да се информираат за линиите и со испраќање СМС-порака, преку веб апликација на која покрај времето на пристигнување на одреден автобус, ќе биде на располагање и т.н. планер на патување кој ќе го дава најкраткиот и најбрзиот пат помеѓу две места во Градот со користење на јавниот превоз.

Дали граѓаните ќе бидат (не)пријатно изнанадени од цената на сите овие новини ќе се дознае за некое време.

Н.С