Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЈи: Македонските власти целосно да ги истражат нападите врз пратениците во Собранието

Ји: Македонските власти целосно да ги истражат нападите врз пратениците во Собранието

„Ќе работиме со новиот претседател на Собранието во поддршка на демократијата и на напредокот на Македонија на европскиот пат“. Ова го изјави заменик помошник американскиот државен секретар за Европа и Евроазија Хојт Брајан Ји во Подкомитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на Конгресот.

Хојт Ји додаде дека е неопходно македонските власти целосно да ги истражат нападите врз пратениците што следеше по изборот на новиот претседател на Собранието и да се доведат одговорните пред лицето на правдата.

„Етничките тензии на Балканот уште еднаш се во пораст. Неодамнешното насилство во Македонија ја потцртува сериозноста на нивните политички проблеми“.

Ји нагласи дека застојот во напредокот во дијалогот меѓу Србија и Косово ја остава ранлива стабилноста на Балканот и оти без неопходните структурни реформи во Босна и Херцеговина таа е во опасност да стане пропадната држава.

„Низ регионот национализмот расте, а реториката на домашните политичари изразито разделува“.

Ји наведе дека регионот се уште се соочува со огромни предизвици кои доколку не бидат соодветно третирани претставуваат закана за американските интереси во Европа.

Тој притоа предупреди на, како што рече, „малигното влијание“ на Русија, бидејќи Москва се обидува да го спречи поврзувањето на Балканот со Западот, користејќи финансиски и политички средства.

„Неодамнешната историја постојано ни покажува дека нема замена за активното американско лидерство на Балканот и силното партнерство со Европската унија“.

Според него, со засилен ангажман САД можат да го зачуваат евроатлантскиот пат на регионот.

Ји оцени дека земјите на Балканот можат да придонесат за поефикасна борба против тероризмот и екстремизмот во светот само доколку се политички стабилни, а регионот остане мирен.

На инсистирањето на претседателот на Поткомитетот Рорабахер да ја појасни ситуацијата во Македонија и евентуалното мешање на американскиот амбасадор и на Институтот Отворено општество на Џорџ Сорос по изборите Ји изјави дека тоа не е точно:

„Македонија сака да му се приклучи на НАТО, Македонија сака да се вклучи во Европската унија. Исто е со Албанија, која сака да и се приклучи на ЕУ.

Ние како партнери им помагаме да ги достигнат стандардите неопходни за да се постигне таа цел.

„Кога го браниме владеењето на правото, незвисното судство, човековите права тоа не е секогаш популарно за власта“, изјави Ји додавајќи дека доколку владите не ги спроведуваат неопходните реформи тогаш обврска е на САД да помогнат.