Sunday, Jul 5, 2020
HomeГОВОРНИЦАЈас да сум војвода, ти да си сердар, а нашите да се за нас

Јас да сум војвода, ти да си сердар, а нашите да се за нас

cukaliev

Многумина од нас размислуваат колку би било убаво да живеат некаде другде. Впрочем една од најпознатите желби на младите е да се иселат од државава. Некои попознати и поголеми експерти дадоа многу јасни одговори зошто е тоа така, сигурно се сеќавате, нема потреба да Ве потсетувам. На истава тема, пред повеќе години прочитав една реченица која многу ме потресе: „Последниот што ќе замине нека го угаси светлото“. Уште ја чувствувам болката која во мене ја предизвика иако мислам дека станува премногу користена, експлоатирана од многумина, а сега и јас се приклучувам кон оваа група на узурпатори на туѓите мисли.

Зошто е тоа така? Зарем и после 30 години транзиција и прилагодување на правниот систем кон правниот систем на Европската Унија, се уште не сме прилагодени? За малку ќе напишев не е до Законите. И се сетив на една стара шега од 1974. Се донесуваше новиот Устав на тогашна Југославија, на денот на неговото прогласување насекаде пукаа топови. Шегата беше: „Знаеш ли зошто пукаа топовите, за да направат дупки во Уставот„. Најверојатно бев премлад да ја сфатам шегата. Мислев дека Уставот е голема книга, а топовите прават дупки во неа, па наликува на швајцарско сирење. Во меѓувреме пораснав, па созреав, па почнав да стареам и сега знам дека што ќе ти е закон без дупки. Што ќе ти е закон без измени и дополни, што ќе ти е уредба која не е неколку пати доуредена. Сето тоа мора да има некоја смисла, некоја причина, дали невозможното да се направи можно, дали да се дозволи забранетото или да се забрани дозволеното, дали да се задоволат нечии потреби??? Можеби воопшто нема никаква позадина. Можеби одговорот е многу поедноставен. Тие што ги пишуваат и донесуваат законите се криви, но како ли успеваат да ги остават недоречени и покрај сите оние процедури низ кој еден закон мора да помине. Бидејќи не сакам да верувам во теориите на заговор, сакам да верувам на своите очи  и ум и да си кажам доколку навистина бевме толку далеку од стандардите на земјите членки на НАТО, толку далеку од стандардите на Европската Унија, зошто тие би го губеле времето со нас? Зошто би ни дозволиле да седнеме со нив или до нив на истата софра, ако сме толку различни?

Најверојатно уште веднаш требаше да напишам: Сепак, не е до законите. Чинам, до имплементацијата ќе е. Вчера на некој од порталите гледам некое момче, на возраст од десетина години, надвор е за време на полицискиот час, шета по улиците и гордо пред камерите вели: „За мене нема полициски час, мене никој ништо не ми може“. Така ли го учат во школо? До семејното воспитување ли е? Да не е дете на некој политичар, локален моќник или ?? ? Всушност не знам дали треба да го осудам за неговото непримерно однесување или да го пофалам. Можеби е само умно и интелигентно момче, кое ја прочитало состојбата. За некого може, за некого не може. Селективна примена на правото. Можеби видело како службениците задолжени за спроведување на некои мерки додека еден казнуваат со насмевка на лицето ги отпоздравуваат некои други ликови кои го прават истиот прекршок. Доколку и Вие сте момче, кое го започнува животот, кое се бори за доминантната позиција во својата средина, во своето опкружување, кој би бил Вашиот избор? Бирате дали да сте меѓу оние на кои им е забрането или на оние на кои им е дозволено? Која е всушност исправната страна? На тие години секако изборот би бил да сум на страната на оние кои се шетаат слободно по улиците, да сум меѓу повластените, да сум меѓу мангупите, да сум меѓу бунтовниците…. Но навиките остануваат. Пред четириесетина години стекнав една лоша навика, преку 25 години размислувам како да се ослободам од неа, правам обиди, издржувам и по неколку години и повторно се враќам…

Најверојатно вината е кај оние кои директно ги спроведуваат мерките,, законите и регулативите. Но дали? Замислете се во нивна кожа, возрасен човек, со изградени ставови и принципи. Одлучуваш дека некој треба да се санкционира. Ја изрекуваш мерката, пополнуваш потребната документација и после само неколку минути или неколку часови ти ѕвони телефонот? Некој хиерархиски над тебе ти вели па нормален ли си ти, па знаеш ли ти кого казнуваш? Најверојатно пред очи ти излегува сопствената слика во улога на оној полицаецот од една соседна земја и од една прастара шега, од времето кога на возачките дозволи прекршоците се заведувале со правење на дупка. Човекот веќе ја направил дупката, што сега. За ова ли да се остане без работа, без леб за семејството, да го префрлат на некое друго работно место, во некое беспаќе… Но и за тоа има решени, едноставно напишал „Оваа дупка не е дупка“. Секој си зема за право да се јави, колега, пријател, роднина… некоја личност која само сака да си го подигне угледот во нечии очи. „Што? Кој? Другар ми те казнил. Дај телефонот, сега јас ќе ти го решам проблемот.“ Секако има и други типови девијантни појави, од кои не ти растат ушите, туку напротив, расте паричникот… Но за нив нема да говорам. Само се обидувам да се ставам во позиција на личноста врз која се врши притисок. Првиот пат можеби ќе помислам, случајност беше, но ако тоа стане практика (а најверојатно е) ќе ме скрши. И тогаш избор е многу мал. Ако не сум со нив, значи дека сум против нив. Или ќе се приклучиш во девијантните шеми или испаѓаш.

И тука се приближувам до суштината која мене ми наликува на најголемата причина зошто словата, напишани на хартија, хармонично систематизирани во нешто што го нарекуваме закон и успешно функционира на многу места, кај нас како послабо да работи. Мислам дека суштината е во само неколку букви. Со само 4 слова, избрани меѓу сите оние Кирил и Методиј во аманет што ни ги оставија, се пишува тезата „наш е“ и антитезата „не е наш“. Како ќе му докажеме некому дека е наш ако и него му го чиниме истото како и на не-нашите. Мора за нашиот да има привилегија, нека е мала, ситна, нека е безначајна ама мора да чувствува дека е наш. Ни треба, на секои четири години (или реално, многу почесто). Некој треба да не задржи на овие позиции, јас да сум војвода, ти да си сердар, а нашите да се за нас… Добро де, нивните се за нив, ама да има повеќе наши наши од нивни наши. И така го цепкаат она ткиво кое сакаме да е единствено и државотворно. Се делиме на помали и поголеми групи на нашинци по разни основи. А нашинец е голема работа, се подржуваат, се затвараат во својот простор, за жал и во својот ум. Не сакаат да слушнат од поумните, оти тие се најумни, не сакаат да видат што се случува оти очите бадијала им се. Проклет да е Василиј помладиот, Василиј Бугароубиецот, оној што очите на самоиловата војска ги извади. На сто глави по едно око остави. Оттогаш ништо не гледаме. Оттогаш сме казнети, оти на сите слепи, малку поитриот слепец може да им вели, јас имам око, јас ќе ве водам. Кренете ме на раце, пејте ми песните јас за патот ќе ви кажувам… И така со векови… Нашинецот мора да знае дека е нашинец. И полека се јавува селективна примена на правото, а сите велат па нормално е, оти кога нашите нашинци ќе дојдат на овие позиции исто и за нас треба да биде. Законите се потешко се имплементираат. Ако некој повиден нашинец добил некоја желба, а не може да си ја исполни по словото на закон, ќе го измениме законот, ќе ја доуредиме уредбата, и после некое време кој знај кое е законското. Се сеќавам дека пред неколку години не можев да го читам Законот за високото образование, имаше толку многу измени и дополни да кога ќе помислиш значи вака е, со некоја наредна измена и дополна гледаш не било така. Тогаш се откажав од читање закони. И онака лесно се менуваат, уште полесно се толкуваат по ќејфот на некој нашинец, а кога и тоа не оди најлесно е, не го применувај.

Што пак сето ова има врска со климатските промени? Или со земјоделството? За жал има. Основните принципи на одржување на чиста и здрава животна средина се загадувачот плаќа и провајдерот добива. Во земјоделскиот сектор тоа е многу јасно уредено. Земјоделското производство има обврска да ги следи регулативите кои произлегуваат од националното законодавство.  За да биде поедноставно сето тоа е сместено во нешто што се нарекува вкрстена сообразност, а подразбира задолжително почитување на низа законски одредби кои постојат во македонското законодавство за заштита на здравјето на луѓето, животните и растенијата, спроведувањето на одредбите за благосостојба на животните и особено заштита на животната средина. Како и секаде тоа е регулирано, кај нас со Правилник за листа на посебни минимални услови за добра земјоделска пракса и заштита на животната средина во која е пишано кои се тие услови кои земјоделските производители треба да ги исполнат (Службен весник на РМ, бр. 178 од 15.10.2015 година – тука) за да бидат усогласени со вкрстената сообразност. Додатните појаснувања неопходни за спроведување на овие одредби се систематизирани во Прирачникот за вкрстена сообразност за спроведување на посебните минимални услови за добра земјоделска пракса и заштита на животната средина (тука). Во овој прирачник е наведено дека доколку земјоделците применуваат постапки при производството кои ја загадуваат животната средина, влијаат негативно на здравјето на луѓето и животните и нерационално ги исцрпуваат природните ресурси (почвата, водата), односно се однесуваат спротивно на целите на националната земјоделската политика на РС Македонија за „оптимално искористување на природните ресурси со почитување на начелата за заштита на природата и животната средина “, тогаш нивните директни плаќања кои се поддршка од државата за остварување на овие цели ќе бидат намалени или укинати во зависност од обемот на отстапувањето и повторувањето на евидентираната неусогласеност (според одредби од членот 3 и членот 57 од Законот за земјоделство и рурален развој – тука). Како и колку изнесува намалувањето и кога на земјоделското стопанство му се укинуваат директните плаќања, наведено е во прирачникот. Со ова се задоволени сите барања на принципот загадувачот плаќа. Оној кој случајно греши, ќе биде казнет со намалување на директните плаќања, а доколку се утврди дека греши намерно ќе биде исклучен од системот. И се би било супер доколку некаде, некогаш видев или прочитав, или слушнев дека некому му се намалени субвенциите за непочитување на посебните минимални услови за добра земјоделска пракса и заштита на животната средина. Сите се супер, никој не греши. Или да почнам да размислувам како за Ковидов, ако не тестираш нема потврдени случаи. Ако не контролираш нема прекршители. Можеби навистина нема. Ама еве, на пример, јас сум слушнал за бунари ископани во рамките на постоечки системи за наводнување. Можеби и сум ги видел, но како да знам кои се границите на системот, има или нема технички услови за користење на водата, дали некој издал позитивно мислење баш за тој бунар…. Па тоа се јавни податоци, треба да се достапни. Само дали јас треба да барам такви податоци или имателот на податоци треба истите јавно да ги објави? Не сум експерт за пребарување на интернет, но на страницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој најдов линк кон лица кои ја злоупотребиле финансиската поддршка. Го отворам и табелата е празна!. Никој, ниту еден, сите се наши, ако не се наши наши, тогаш се нивни наши, а ние не сакаме нивните наши потоа да се одмаздуваат на нашите наши? Тоа ли е прикаската?

Уште нешто. Доколку ги отворивте линковите можеби видовте дека климатските промени воопшто не се таргетирани во овие документ. Страшно!!! Не воопшто, јас само може да кажам „Супер!!!“. Доколку не спаѓаат во задолжителните мерки, а свесни сме за огромното значење на мерките на ублажување и прилагодување кон климатските промени во земјоделскиот сектор, тогаш тоа е одлична можност истите да се вклучат во сетот на агро-еколошки мерки. Агро-еколошките мерки всушност го задоволуваат вториот принцип за управување во животната средина – провајдерот добива. Во земјоделството тоа би значело фрла секој што доброволно ќе се одлучи да обезбеди сервиси поврзани со животната средина, над законски пропишаните, за тоа треба да биде платен, односно компензиран за додатните трошоци и намаленото производство предизвикано од примената на тие мерки. За жал ние се уште немаме агро-еколошки мерки во вистинска смисла на зборот.

А кога ќе ги добиеме, дали во тие мерки ќе бидат вклучени и мерките поврзани со климатските промени навистина не знам. Само знам дека многу би сакал да ги видам и со нив да се промовира искористувањето на огромните потенцијали на земјоделството за ублажување на климатските промени, пред се преку зафаќање на јаглеродниот диоксид од атмосферата и негова прераспределба во биомасата. Нормално проследено со умно управување на истата.

Кој би рекол, дека она бистроно момче од почетокот на текстов и неговата изјава имаат врска со климатските промени и нашата борба со нив. Изгледа сепак имаат. Можеби ова е оној ефект на пеперутката, познат од теоријата на хаосот, кој укажува на тоа дека многу малите варијации во некој наизглед безначаен сегмент може да имаат силно влијание врз функционирањето на огромните комплексните системи.

Авторот е универзитетски професор

Проф. Ордан Чукалиев од Факултетот за земјоделски науки и храна е експерт со 30 годишо искуство, објавено над 100 публикации, со особен придонес во теми како климатски промени и нивното влијание врз земјоделство, заштита на водите и почвата, техники на наводнување и други.