Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЈанева: Новиот закон за заштита на сведоци ќе важи до крајот на мандатот на СЈО

Јанева: Новиот закон за заштита на сведоци ќе важи до крајот на мандатот на СЈО

Специјалната јавна обвинителка очекува СЈО да стане дел од Јавното обвинителство, задржувајќи го автономниот статус, а дотогаш ќе продолжи да работи на предистражни постапки кои произлегуваат од прислушуваните разговори.

Ова Јанева ги изјави во „Ноќно студио“ на телевизија „Телма“, каде рече оти очекува Собранието бргу да ги усвои предлог-измените на Законот за заштита на сведоци, кои треба да му овозможат на СЈО да одлучува кои лица ќе бидат заштитени.

– Да беше порано донесен овој закон, ќе можевме многу повеќе да направиме за Коста Крпач, но и за многу други лица кои сакаа да ни пристапат. Се надевам дека тие лица што можат да бидат заштитени сведоци, ќе можеме и во оваа фаза од постапката да им дадеме заштита – рече Јанева.

Како што појасни специјалната јавна обвинителка, овие измени ќе бидат со ограничен рок на траење, односно ќе важат додека не истече петгодишниот мандат на СЈО или додека ова обивнителство не стане дел од редовното јавно обвинителство, по што СЈО ќе се води според одредбите од актуелниот Закон за заштита на сведоци.

Јанева во интервјуто рече дека нивниот став е дека „сè уште имаат мандат за поднесување обвиненија“, но дека, сепак, поради правна сигурност, во моментот водат само предистражни постапки.

– Кога ќе дојде моментот овие предистражни постапки да се преточат во истражни постапки и во обвиненија, ние ќе ги доставиме до нашите колеги во обвинителството за организиран криминал и корупција и до другите обвинителства, во случај дотогаш да не биде решен статусот на СЈО – рече Јанева.

Таа рече дека СЈО води стотина предистражни постапки, а некои од постапките биле затворени бидејќи немало докази за сторено кривично дело.

Прашана за коментар на обвинувањата дека СЈО е политички инструмент бидејќи нема отворено постапки против членови на други партии освен против членови на ВМРО-ДПМНЕ, Јанева изјави дека тие шпекулации со време самите ќе се демантираат и дека СЈО води предистражни постапки и против функционери од актуелната власт.

Јанева соопшти и дека се водат предистражни постапки и за случаите „Монструм“ и „Диво Насеље“, но дека не може да каже кога ќе бидат завршени.