Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЈанева му порача на Зврлевски: Само јас сум надлежна за предметите кои произлегуваат од бомбите

Јанева му порача на Зврлевски: Само јас сум надлежна за предметите кои произлегуваат од бомбите

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска соопшти дека повлекла од Врховниот суд барањето за заштита на законитоста што во завчера го поднесе републичкиот јавен обвинител, Марко Зврлевски, во врска со притворот на бизнисменот во бегство Сеад Кочан, осомничен во случајот „Труст“ и за кого е издадена меѓународна потерница.

Во дописот, со назнака „многу итно“, Јанева се повикува на членот 5 од Законот за Специјално јавно обвинителство, според кој СЈО е исклучиво надлежно за истражување и за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите.

– Јас, како јавен обвинител, сум исклучиво надлежна да постапувам по предметите поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите во сите судски инстанци. Поради тоа, денеска со поднесок испратен до Врховниот суд на Република Македонија го повлеков барањето за заштита на законитоста поднесено од Јавното обвинителство на Република Македонија – вели Јанева во дописот.

Зврлевски завчера побара Врховниот суд да го уважи барањето за заштита на законитоста на Јавниот обвинител на Република Македонија и да ги укине решенијата на Основниот суд Скопје 1 од 7 март 2017 година и на Апелацискиот суд од 15 март 2017 година и предметот да го врати на повторно судење и одлучување.

Бизнисменот Сеад Кочан, Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 на 7 март му одреди мерка притвор на бизнисменот во бегство Сеад Кочан, кој е еден од тројцата осомничени во случајот „Труст“.