Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЈанева: Граѓаните се плашат да пријават криминал и корупција

Јанева: Граѓаните се плашат да пријават криминал и корупција

Многу е важно да се донесе Законот за заштита на свиркачите, затоа што тоа е начин да се откријат криминалот и злоупотребата на функциите , како и да се охрабрат граѓаните да бидат будни контролори на власта. Ова е пораката што ја испратија учесниците на конференцијата насловена „Ден на слободен говор“ по повод Меѓународниот ден на свиркачите, кој дeнеска се одбележа во Скопје.

– Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во континуитет укажува на потребата од носење на Законот за заштита на свиркачите, затоа што ние не можеме според актуелниот закон да им пружиме соодветна заштита на сите кои сакаат да соработуваат со нас во таа насока. Граѓаните сѐ поретко се решаваат да укажат на коруптивно работење и криминал, поради стравот што го имаат од последиците од таквата активност. Затоа ние треба да ги поттикнеме, да ги охрабриме, да пријавуваат такво однесување. Но проблем е и довербата во институциите, дека и покрај ризикот од укажувањето институциите ќе постапат по законите. СЈО не отстапува и нема да се откаже од истражувањето на криминалот и корупцијата како институција која е одговорна за својата задача. Не смее да се замолчи и да се затворат очите , потребно е истражување на секој криминал а граѓаните се свесни дека тоа е нешто од заеднички интерес во кој тие се клучниот дел.

Свиркачи беа и обвинетите во случајот „Пуч“ , кои преку своите прес-конференции објавија коруптивно и криминално 10-годишно владеење на една власт – рече обвинителката Катица Јанева во своето излагање на денешната конференција.

Според Марк Ворт од Kоалицијата за заштита на свиркачите на Југоисточна Европа, првиот меѓународен ден на свиркачите неслучајно се организира во Скопје, баш поради притисоците на кои се изложени новинарите и големиот број укажувачи кои се екскомуницирани, бркани од работа и трпат секакви притисоци.

– Полицијата не може да е секаде, не ни сакаме да биде секаде. Медиумите не се секаде, не ни можат а не ни сакаме да се секаде. Затоа се тука свиркачите – рече Ворт.

Артан Дурмиши, креатор на Законот за свиркачи во Албанија, смета дека паѓањето на слободата на говор и имиџот на земјата од делумно слободна во неслободна, според индексот на слободата на говор, е причината зошто овој меѓународен ден на свиркачите се организира токму во Скопје.

– Во Македонија се затвораа медиуми, се гонеа и затвораа новинари. Со ова сакаме да дадеме поддршка да запре овој тренд и Македонија да си ја врати слободата на медиумите – рече Дурмиши.

Според Џабир Дерала од невладината „Цивил“, ако свиркачите, овие храбри луѓе ги ризикуваат своите работа и безбедност, дури и животот, тогаш најмалку што ние како новинари, активисти и институции можеме да го понудиме е и ние да го посветиме животот за да ги заштитиме.