Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЈанакиески: Кривичната пријава е дел од политичката хајка

Јанакиески: Кривичната пријава е дел од политичката хајка

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија своето неработење и неспособност се обидува да го сокрие преку политички хајки и поднесување неосновани кривични пријави, вели поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, во писмена изјава за кривичната пријава на прилепската полиција, која го товари за незаконска продажба на станови.

Јанакиески тврди дека ваква кривична пријава еднаш веќе била поднесена, но била отфрлена од надлежното обвинителство. Таа сега, вели поранешниот министер, повторно се поднесува заради негова лична дискредитација и за да се оттргне вниманието на јавноста од „нереализирањето на ниту еден проект во општина Прилеп од страна на Владата на Зоран Заев“.

– Имено, продажбата на тие два стана, како и на другите станови во државна сопственост, е извршено во согласност со важечките законски и подзаконски акти. Ова право на министерот за транспорт и врски е определено во согласност со Законот за продажба на станови во општествена сопственост и решение за овластување на потписник за склучување договори за купопродажба на станови од 24 октомври 2006 година – пишува Јанакиески.

Според него, кривичната пријава против него е дел од валканата кампања на СДСМ, заснована на измислици, лаги и на манупилации.