Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАСкопје„Ја поседуваш колата, а не патот“

„Ја поседуваш колата, а не патот“

Оваа среда на 24 февруари ќе се одржи Критична маса #46. Сите се учесници во сообраќајот, треба еднакви можности за сите.

„Моментално, oчигледно е дека Скопје е град само за коли. И онака малкуте пешачки и велосипедски патеки не се почитуваат, на нив се паркираат возила, полицијата толерира, а возачите се несвесни за останатите сограѓани. Забележливо е дека недостига и сигнализација. Оправдувањата се секогаш „само на 5 минути сум“, но кога на 10 места по патеката ќе сретнете паркирани „само на 5 минути“ сфаќате дека автомобилот е привилегиран, а за наједноставното движење – пеш или со точак – во Скопје ти требаат натчовечки напори.

Со оваа Критична маса ќе порачаме уште еднаш дека и ние сме сообраќај!
И велосипедистите и пешаците! Особено непривилегирани во овој град се родителите со детски колички и лицата со попреченост. Скопје за нив е навистина непријателско место. Да го смениме тоа! Да го направиме Скопје пријателски град за сите луѓе, за сите начини на превоз!
Апелираме и бараме Град Скопје, сите скопски општини, Министерство за внатрешни работи, Републички совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП) да направат заедничка повеќемесечна кампања со која ќе им ги вратат патеките на оние начини на превоз за кои се наменети. Тоа не би било придобивка само за граѓаните кои моментално така се превезуваат, тоа ќе привлече и други и ќе направи секој граѓанин да има опции и да менува превоз…

Ќе го направи Скопје поквалитетен град за живот!
Драг наш сограѓанину, ти што денес ќе решиш да излезеш со автoмобил од дома, сети се дека постоиме и ние. Нека ти текне дека не си сам и дека улиците ги делиш со сите нас. Во мислите постојано имај ги останатите. Оние кои се поранливи во сообраќајот од тебе. Оние чија безбедност не зависи само од нив самите. Оние, кои исто како и тебе, некој ги чека да се вратат дома на крајот од денот. Кога ќе го оставиш некаде автомобилот, сети се дека со тоа некому му ја нарушуваш слободата на движење. Дека му го ограничуваш правото на движење. Дека, можеби, му ја загрозуваш личната безбедност. И затоа, драг наш сограѓанину, никогаш не заборавај: Ја поседуваш колата, а не патот. Мисли и на нас. На сите е градот – стои во повикот на Критична маса.