Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаИзменет режим на сообраќај поради Супер купот

Изменет режим на сообраќај поради Супер купот

Поради Супер купот на УЕФА од денеска ќе биде воведен посебен сообраќаен и пешачки режим за сообраќајниците во непосредна близина на стадионот.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека од осум часот денеска до завршување на натпреварот, односно до 9 август, на потегот од крстосниците на улиците Аминта Трети (поранешна Ленинова) и Јордан Хаџи Константинов-Џинот ќе се пропуштаат исклучиво лица и возила кои имаат соодветна акредитација од организаторот на мечот, УЕФА.

На денот на натпреварот, зависно од интензитетот на сообраќајот, не е исклучена можноста од затворање за сообраќај и на булеварот Илинден на потегот од објектот на Владата до крстосницата со улицата Рузвелтова.

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, информираше дека Град Скопје е подготвен да ги пречека илјадниците навивачи од сите страни на светот за претстојниот натпревар меѓу двата најтрофејни клубови во Европа, „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“.

За навивчите е подготвена т.н неутрална зона во согласност со стандардите на УЕФА, која ќе биде отворена во 11 часот.

– Во неутралната зона за обожаватели, сите ќе можат да играат фудбал, фудбалски тенис, да шутираат пенали, а и да си ги испробаат своите способности. Во оваа зона е предвидена богата музичка програма на познати македонски диџеи и музичари, кои ќе ги забавуваат посетителите на 7 и 8 август од 11 до 19 часот – рече Трајановски.

Тој додаде дека заедно со УЕФА и со ФФМ, на оваа локација ќе се постават и трите трофеи на УЕФА, трофејот на Лигата на шампионите, трофејот на Лига Европа и Супер купот.

Навивачите на „Реал Мадрид“ и на „Манчестер јунајтед“, пред самиот натпревар ќе се соберат на плоштадот „Филип Втори“ и пред платото на спомен-куќата на „Мајка Тереза“, од каде ќе тргнат кон националната арена „Филип Втори“.