Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаИзгаснати пожарите во Македонски Брод

Изгаснати пожарите во Македонски Брод

Пожарите во општина Македонски Брод, каде има прогласено кризна состојба, во атарот на селата Волче, Заград, Растеж, Здуње, Близанско и Грешница се изгаснати, информираше денеска Надица Вчкова, портпарол на Центарот за управување со кризи.

– Во другото кризно подрачје, во општина Чашка, пожарот кај Јасеновска глава од страна на село Попадија е локализиран. Денес на терен се лица од шумско стопанство „Бабуна“ за контрола на теренот. Пожарот кај Богомилскиот тунел во овој регион, во текот на вчерашниот ден е ставен под контрола и денес се врши контрола на опожарената површина од страна на пет лица, вработени во ШС „Бабуна“, изјави Вчкова.

Во текот на денешниот ден, продолжи таа, екипа на ЦУК, Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и лица од ЈП „Македонски шуми“, вршат извидување, набљудување и процена на состојбата со пожарите од воздух, односно со хеликоптер.

– Пожарите во останатите региони во најголем дел се изгасени или ставени под котрола. Пожар на мала површина има во општина Кичево, на местото Фрлогоец, каде гори пасишта, сува трева и нискостеблеста деградирана дабова шума, а утрово на овој пожар интервенираат лица од ШС „Лопушник“, од Кичево, рече Вчкова.

Посочи дека пожарот во близина на населените места Мажучиште, Мраморани и Горно Село, во Прилепско е ставен под контрола. Во струшкиот регион на местото Тоски, меѓу селата Богојци и Татеши, избувнат е шумски пожар со кој е зафатена дабова и нискостеблеста шума, а во моментот на негово гаснење интервенираат пожарникари од ТППЕ Стуга и лица од ШС „Јабланица“.

Од ЦУК ги потсетуваат граѓаните дека се уште постои забрана за движење во шумите и зголемени се контролите на МВР во соработка со Шумската полиција.

На новинарско прашање за тоа дали досега има пристигнати пријави за штети, Вчкова рече дека засега официјално нема пристигнато такви информации.

Од ЦУК посочија дека проценувањето на штетите е регулирано на два начини. Едниот е за опожарена дрвена маса, чија процена ја врши ЈП „Македонски шуми“ и ги потврдува Државниот инспекорат за шумарство и ловство. Останатите штети се проценуваат согласно Законот за заштита и спасување на локално ниво од Комисиите за процена на штети на единиците на локална самоуправа.