Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионИзборот на Тачи за претседател на Косово ќе се најде пред Уставен суд

Изборот на Тачи за претседател на Косово ќе се најде пред Уставен суд

Обединетата косовска опозиција има намера да побара мислење од Уставниот суд за кворумот при изборот на Хашим Тачи за претседател на Косово, што се одржа во петокот во Парламентот, пишува денеска приштинскиот весник „Коха диторе“. Лидерот на опозициското радикално движење Самоопределување, Висар Имери, изјавил дека во тек се консултации со уште две опозициски партии и правници, по што ќе излезе со конкретен став.

Опозициските пратеници се обидоа да го оневозможат изборот на Хашим Тачи за претседател со повторно активирање солзавец, па седницата два пати беше прекинувана, а опозицијата отстранета од салата. Тачи беше избран во третиот круг од гласањето, кога според Уставот за изборот му беше доволно просто мнозинаство од присутните, што во првите два круга не му појде од рака, бидејќи тогаш му беше потребно двотретинско мнозинство.

Опозицијата, која подолго од половина година ја блокира работата на косовскиот Парламент бара оставка од Владата, бидејќи е незадоволна од бриселскиот договор со кој се предвидува формирање Заедница на српски општини, како и од договорот за демаркација на границата со Црна Гора.