Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаИванов: Време е за национално помирување и жртва на личните интереси

Иванов: Време е за национално помирување и жртва на личните интереси

Претседателот на републиката Ѓорге Иванов од Пелинце повика на сплотување на народот и национално помирување со тоа што личните интереси ќе бидат жртвувани пред државните.

„После долго време и исцрпувачки преговори, постигнат е договор за надминување на политичката криза. Со помош на меѓународните посредници, лидерите на политичките партии се договорија за предвремени парламентарни избори. Го поздравувам овој договор што македонските граѓани го дочекаа со оддишка“, рече Иванов.

Според него, сега доаѓа потешкиот дел, кога треба да се исполни договореното.

„Токму сега е време за воздржаност и за одговорност, од што зависи не само разврската на кризата, туку и иднината на Македонија, истакна македонскиот претседател. Како што за иднина ни треба единство, така за единство ни е потребно помирување“, рече Иванов.

Тој порача дека во името на хероите од минатото, но и децата, кои се херои на иднината, ги повикува сите да ги жртвуваат нивните лични интереси заради општите интереси, како и тесно-партиските заради државните интереси.

„Да изградиме култура на дијалог и компромис, но и чувство за единство околу државните интереси. Ве повикувам дијалогот да го водиме во институциите, а не во амбасадите. Поддршката да ја бараме од граѓаните, а не од меѓународните фактори. Ги повикувам политичките партии да се воздржат од непризнавање на волјата на граѓаните тогаш кога ќе изгубат избори, но и од игнорирање на неистомислениците тогаш кога ќе добијат на избори“, рече Иванов.