Wednesday, Apr 26, 2017
HomeДЕНЕШНАПолитикаИванов: Трагедијата во Париз не потсети колку сме ранливи на глобалниот поредок!

Иванов: Трагедијата во Париз не потсети колку сме ранливи на глобалниот поредок!

Ѓорѓе Иванов, актуелен претседател на Македонија, во своето обраќање пред учесниците во лидерскиот форум, организиран во Франција под капата на УНЕСКО, уште еднаш го пренесе длабокото сочувство од македонските граѓани до граѓаните на Франција.

„Повеќе од кога и да е порано, на светот денес му е потребно УНЕСКО. Трагедијата во Париз не’ потсети колку и ние, во Европа, сме ранливи на глобалниот непоредок. И токму тој непоредок е првиот предизвик за УНЕСКО“, порача претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, кој вчера учествуваше на лидерскиот форум во рамки на 38. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО, на тема „70 години УНЕСКО – мир и одржлив развој во сложен свет“.

Посочи дека тешко е да се зборува за образование, наука и култура во моменти кога Париз е завиткан во црно.

„Но, токму затоа што е тешко, ние мора да зборуваме за овие нешта, бидејќи тие се дел од нашиот одговор на терористите. Пред два дена, тука, во Париз, не беше нападната само Француската Република, туку целиот цивилизиран свет. Денес, нашиот цивилизиран свет преку УНЕСКО дава дел од својот одговор. Нема да им дозволиме на терористите да ни ги одземат мирот, слободата и правдата“, истакна Иванов.

Непочитувањето на меѓународното право доведе до тоа УНЕСКО да стане колатерална жртва на глобалниот непоредок. А токму оваа организација треба да ни помогне да го вратиме поредокот, рече претседателот Иванов. Додаде дека вториот предизвик со кој се соочува УНЕСКО е недостигот од заслужената и неопходна финансиска и политичка поддршка.

Потенцирајќи дека лекот против религиозното насилство не може да се бара во помалку религија, туку во повеќе меѓурелигиски дијалог, и дека во Европа и Светот нетрпеливоста и расизмот се многукратно зголемени, Иванов порача дека потребата за дијалог е многукратно поголема и истакна дека Македонија ќе го обнови Дијалогот меѓу цивилизациите и во соработка со УНЕСКО ќе ја организира 4. Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.

Претседателот посочи дека ова е од посебна важност особено денеска кога кон Европа се слева река од бегалци и од мигранти, кои со себе ја носат сета своја етничка, јазична, религиска и културна различност.

„Мигрантската и бегалската криза истовремено е и можност одново да научиме како да живееме со нашите најдлабоки религиски и културни разлики. Образованието, културата и науката се пресудни за овој потфат“, порача македонскиот претседател.

Иванов објасни дека Македонија е земја со богато историско и културно наследство, но дека набројни, духовно и културно, богати региони денес им се заканува опасност да потонат во духовна и културна беда.

„Во Македонија има многу мултирелигиозни верски објекти кои се израз на македонскиот модел на соживот и на почитување и прифаќање на различноста. Ние различноста не ја сфаќаме како закана, туку како потенцијален извор за збогатување на нашата култура и идентитет“, посочи Тој.

Претседателот рече дека наредната 2016 година, на иницијатива на Македонија, заедно со Бугарија, Полска и Русија ќе се одбележат и 1100 години од упокојувањето на сесловенскиот просветител Св. Климент Охридски.