Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаИванов ја нападна Амбасадата на Германија и побара амнестија за тепачите од Собранието

Иванов ја нападна Амбасадата на Германија и побара амнестија за тепачите од Собранието

„Ако имаат доблест новите пратеници во новиот состав на Собранието, ако сакаат да влијаат на смирување на општеството и да покажат акт на добра волја и на помирување, нека го направат тоа што беше направено по конфликтот во 2001 година. Тогаш знаеме дека Собранието амнестираше воени злосторници. Ако можеле воени злосторници да се амнестираат, зошто да не им се помогне на луѓе кои ги завела толпа или луѓе кои учествувале во нешто што е повеќе израз на емоции“, рече претседателот Ѓорге Иванов во интервјуто во емисијата „Само вистина“ на телевизија „Канал 5“.

Во однос на доделувањето на мандатот, Иванов изјави дека е чекор кон надминување на длабоката политичка криза која трае повеќе од две години.

„Со денешниот ден, создаваме преседан за идните мандатари да не бидат уценувани, да не бидат условувани, да не бидат под притисок за прашања за кои не може да се разговара, а тоа се унитарноста и независноста на државата, територијалниот интегритет и суверенитет. Ниеден акт не може да ја доведе државата во подредена состојба и зависност од друга држава. Тоа се состои во денешната изјава на господинот Зоран Заев. Тоа ќе биде позитивен случај за сите идни мандатари, да не бидат доведени во позиција некој друг да ги уценува“, рече претседателот Иванов, меѓу другото, во интервјуто.

Претседателот, кој вчера имаше интервју и за телевизија „Нова“ ја нападна Германија дека добива лажни информации преку својата амбасадат и дека затоа несоодветно реагира.

„Амбасадорот на германското министерство се служеше со лажни вести, па Меркел мораше да се извинува за неточни информации кои ги добивала од нивната амбасада. Апелирам до Германија дека вакво ниво на дипломати е навреда за нашата земја. Недозволиво е на лажни информации да темелат соопштение од германска амбасада. Како порано да го дадам мандатот? Со кршење на Уставот?“, изјави вечерва претседателот Ѓорге Иванов во интервју за телевизија „Нова“.

Оваа реакција на Иванов следува откако Министерството за надворешни работи на Германија, во соопштение го поздрави доделувањето на мандатот, но исто така напиша и дека оваа одлука требало одамна да се случи.

Прашан, меѓу другото, за влијанието на меѓународниот фактор изиминатиот период, Иванов изјави дека „треба да нè загрижи квалитетот на дел од дипломатите во Република Македонија“.

„Пријателските земји доаѓаа со желба да се надмине кризата, советуваа и нè упатуваа како да се постапи, но имавме и незгодни средби, телефонски повици со некои лица кои не беа информирани и со погрешни претстави носеа судови без да ги проверат“, додаде Иванов.