Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаИванов им го честита на верниците Велигден

Иванов им го честита на верниците Велигден

Претседателот, Ѓорѓе Иванов на верниците им го честита големиот христијански празник Велигден.

Во деновите кога го славиме победителот на смртта да се присетиме дека Христовото воскресение е основа на спасението, вели тој во честитката.

„Со овој чин Спасителот ни дарува слобода во љубовта, избавувајќи нè од смртта и дарувајќи ни живот. Затоа, Пасха, како што уште се нарекува Христовото воскресение, значи премин – смилување, чудо на сите чуда, божји дар и благослов. Да се верува во Синот Божји значи да се има непоколеблива надеж и искрено покајание. Честитајќи Ви го овој голем христијански празник, Ви посакувам добро здравје, благосостојба и духовен мир. Нема поблагословен ден од Велигден, затоа Ве повикувам, заеднички, да побараме разбирање, единство и братољубие меѓу нашиот христијански народ. Да се присетиме на Eвангелието кое нè учи на силата на трпението и страданието, на возвишената и постојана љубов која ја победи смртта и триумфираше над злото“ – вели Иванов во честитката за Велигден.

На сите христијански верници им посакувам меѓусебно почитување, разбирање и љубов во срцето со верба во Бога. За многу години празникот – Христос воскресна!