Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаИванов до Нимиц: Треба дополнителен импулс од двете страни во спорот за името

Иванов до Нимиц: Треба дополнителен импулс од двете страни во спорот за името

Неопходно е стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите за спорот за името – резолуциите на Советот за безбедност, Привремената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг, истакнал македонскиот претседател, Ѓорге Иванов, на средбата со Метју Нимиц, специјален пратеник на Обединетите нации во разговорите меѓу Македонија и Грција за прашањето за името.

Иванов порачал дека Македонија и понатаму ќе учествува во процесот што се води под покровителство на ОН и дека е потребно да се создаде „позитивен амбиент за подобро разбирање и за почитување“.

„Неопходно е да се даде дополнителен импулс од двете страни во надминување на ова прашање, кое има суштинско значење за стабилноста и за просперитетот на целиот регион“, истакнал Иванов на средбата со Нимиц, на која ја поздравил и конструктивноста и фокусираноста на мерките за градење доверба меѓу двете држави и повикал на нивно проширување и на внесување нови содржини.

Нимиц, кој од денеска до 4 јули претстојува во Скопје, утре во 9 часот ќе има средба со премиерот Зоран Заев, а потоа ќе се сретне и со министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Веднаш по посетата на Скопје, предвидено е Нимиц да замине за Атина, на покана на грчката влада.

Специјалниот пратеник на ОН пред неговото доаѓање изјави дека целта на неговата посета е да ја испита подготвеноста за сериозен напредок во разговорите меѓу Скопје и Атина за спорот за името.