HomeДЕНЕШНАПолитикаИванов ја зацврстува партиската команда во АРМ?

Иванов ја зацврстува партиската команда во АРМ?

mkd-82669

Скандалозен е потегот на претседателот на државата Ѓорге Иванов кој пред два дена потпишал укази со кои поставил нови старешини, како и команданти на важни позиции во армијата, коментираат познавачите на приликите во АРМ, укажувајќи на фактот што ова се прави за време на избори, во тајност, без да се почитува процедурата и по партиска линија. Со ова, велат упатените, станува јасно дека партијата на власт ја става под своја команда војската, во услови кога полицијата ја командува министер од опозицијата – објави Плусинфо.

Зоран Милевски, кој досега беше командант на првата механичка пешадиска бригада, е поставен за командант на Здружена оперативна команда (ЗОК), со што под негова команда сега е речиси целата војска. Тој важи за близок до актуелната власт.

Досегашниот командант на ЗОК Васил Ѓурчиновски оди во Брисел каде ќе биде воен претставник во НАТО. Упатените велат дека таму земјава подолго време нема претставник, па нејасно е зошто ова место се пополнува во ек на изборна кампања. Како што неофицијално дознаваме Ѓурчиновски за оваа одлука бил информиран дури откако таа била донесена.

За нов командант на Првата механизирана пешадиска бригада е поставен бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски кој е актуелен аѓутант на врховниот командант на вооружените сили и негов близок соработник. Првата бригада е важна, објаснуваат упатените, затоа што таа за многу кратко време може да се стави во состојба на борбена готовност.

– Со назначувањето на Милески и Ѓорговски станува видливо тоа што досега го слушавме дека ако полицијата ја има СДСМ преку нивниот министер, тогаш војската ќе ја командуваат луѓе кои се исклучително блиски со ВМРО-ДПМНЕ – велат упатените.

Со указ на претседателот Иванов, во чин бригаден генерал e унапреден полковникот Орце Јордев, командант на полкот за специјални операции. Полковникот Жарко Ристевски, пак, е назначен за воен претставник на Република Македонија во Анкара, Република Турција.

– Скандалозно е што Мирче Ѓорговски од аѓутант го поставуваат за командант на прва бригада, бидејќи тој нема искуство на командна функција. Од друга страна Павле Арсовски останува началник на штаб, но сега негов претпоставен ќе биде Милевски, кој досега му беше подреден. Тоа е во армиските структури е неприфатливо. Ова што се случува е страшно разочарувачки за професионалните војници и офицерите – вели генералот во пензија Илија Николовски.

Според него, најголем скандал е што овие смени се прават пред избори, без никаков повод и причина, а за промените засегнатите биле информирани во последен момент.

– Скандалозно е и тоа што е направено во најтесен круг, во Министерството за одбрана не се знаело што се случува, договорот е направен меѓу началникот на Генерал штабот и Врховниот командант, по партиска линија. Во нормални услови за такви смени се расправа и во парламентот, се прават разговори. Ова е невиден скандал, непознат во демократските системи, само во авторитарен режим претседателот може да го направи ова – вели Николовски.

Со вакви смени, додава тој, може да биде загрозена безбедноста на државата.

Поранешниот портпарол на АРМ Благоја Марковски, вели дека претседателот на државата има надлежност да ги врши смените.

– Факт е дека прекомандите внатре во АРМ произлегува од тоа што Ѓурчиновски е поставен за воен аташе, па имаме одредени испразнети места што треба да се пополнат. Но факт е и дека за поставување на воени аташеа има правилник според кој тоа се прави по распишан интерен оглас. Тука е изненадување тоа што нема оглас, значи процедурата за назначување е надвор од правилникот за кандидирање на воени претставници и воени аташеа. Проблематично е тоа што се случува во период на изборна кампања. Во Турција и во Брисел местата се празни година иполовина, па веројатно пополнувањето можело да се направи пред изборите или после тоа – вели Марковски.

Од Генералштабот на АРМ немаат коментар за назначувањата, бидејќи како што објаснуваат, тоа е во надлежност на претседателот на државата.

Од кабинетот на претседателот, пак, само кратко одговараат дека новите поставувања се во согласност со Законот за одбрана и Законот за служба во АРМ. Оттаму нема одговор на прашањето зошто се прават пред избори, дали процедурата била почитувана, кога луѓето биле информирани за смените.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com