Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаИстекува рокот за барање во катастарот за трансформација на корисничко право

Истекува рокот за барање во катастарот за трансформација на корисничко право

Уште само два дена остануваат за поднесување на барање во Агенцијата за катастар на недвижности за трансформација на корисничкото право на градежното неизградено земјиште во право на сопственост по сила на закон.

Од Катастар ги повикаа сите граѓани кои се корисници на градежно неизградено земјиште кои не поднеле барање за приватизација до Управата за имотно-правни работи заклучно до 15.12.2014 година, да ја искористат оваа можност и да поднесат барање до Агенцијата за катастар на недвижности заклучно до 15.6.2016 година.

Шалтерите во Центарот на катастар на недвижности – Скопје ќе работат со продолжено работно време до 19 часот, соопшти денеска Агенцијата за катастар.

Постапката за поднесување барања е многу едноставна, па така покрај Пријавата која ја има на самите шалтери, граѓаните ќе треба да приложат и доказ за идентификација за подносителот на пријавата (фотокопија од лична карта или патна исправа, правната основа, односно актот врз основа на кој е стекнато правото на користење на катастарската парцела (закон, пресуда, договор, решение, одлука од надлежен државен орган, поседовен лист и др, доказ од органот надлежен за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти дека не е поднесено барање за утврдување правен статус на објектот на катастарската парцела која е градежно неизградено земјиште, а за кое се однесува пријавата. Потребен е доказ за платен надоместок за имотниот лист од катастарската парцела, за уверението за историски преглед на извршените запишувања во катастарот на недвижности и за запишувањето во катастарот на недвижностите и Агенцијата за катастар на недвижности по службена должност ќе обезбеди доказ од Управата за имотно-правни работи дали за градежното неизградено земјиште за кое е поднесена пријавата во Kатастарот веќе е поднесено барање за приватизација на градежно земјиште до Управата за имотно-правни работи.