HomeАНТИСТРЕСПатувањеИран не е таков како што пишуваат за него

Иран не е таков како што пишуваат за него

iran

Иран е земја која никого не остава рамнодушен, едни се воодушевени други ја мразат. Во вторава група главно спаѓаат луѓе кои никогаш не биле во Иран и за државата судат врз основа на пишувањето во медиумите. Смислата на патувањата е и со свои очи да се увериме каква е некоја држава. И како и многу пати до сега, патувањето во Иран докажа дека не треба да веруваме на се што пишува во медиумите.

Модерен Иран е земја која сака да биде видена и посетена, светот да ја запознае каква е всушност, а не таква каква што медиумите често ја претставуваат. Иранците, без сомневање, се нај љубезните луѓе кои некогаш сум ги сретнала на своите патувања. Често ве покануваат во нивните куќи, ви нудат храна и чај, или ви нудат бесплатно возење, само да имаат можност да позборуваат со вас.

Нашето патување во Иран пред се беше подредено на експедиција на највисокиот врв во Иран, Дамаванд (5.671 м), но вклучуваше и уживање во најубавите градови во Иран како Техеран, Есфахан и Шираза, како награда за претрпените напори. Експедицијата ја сочинуваа 20 планинари од нашиот регион, вклучувајќи ја и босанската екипа, која покрај мене, ја сочинуваа уште четири девојки (Фахра Чолпа, Далиборка Стрика, Сања Корач и Хасна Смјечанин).
teheran
Приказната почна во Техеран.
Техеран е метропола, една од најголемите урбани џунгли на светот, конгломерат на правливи улици, модерни булевари, огромни базари, прекрасни големи паркови, прастари автомобили, најнови автомобили, традиционално облечени жени, убаво дотерани жени, кафулиња и чајџилници… се заедно еден огромен хаос кој никогаш не застанува.

Качувањето на Дамаванд
Откако пристигнавме во Техеран, кратко го прошетавме градот, чувајќи сила за аклиматизација при искачувањето на блиската планина Точал. На 3.933 метри високиот врв се доаѓа со жичара и кратка прошетка.

Идниот ден, тргнавме кон Дамаванд. Прво со автобус кон селото Реинех, па потоа со отворени камионети кон првиот камп каде планиравме да преспиеме. Тоа е кампот Гоосфанд Сар (трло за овци) кој се наоѓа на 3.040 метри надморска височина. Во кампот се наоѓа трошна зграда која порано била дом, џамијата Сахеб Заман, неколку контејнери и шатори за спиење и како што самото име вели, има трло за овци.

Како искусна група на планинари, со самото доаѓање на планината, нашите критериуми поврзани за хигиената, храната и комотните услови за спиење беа сведени на минимум, па така во самиот камп добро замижавме на се, тоа што се мора, се мора.

Идниот ден не разбуди дожд, но не ни пречеше да го продолжиме патот кон висините. Појдовме кон следниот камп – Бергах Сева, кој се наоѓа на 4.220 метри. По пет часа одење, без тешки ранци на грбот кои ги ставивме на мазгите, здогледавме дом, многу голем, со капацитет до 150 луѓе, со вкусна кујна.

Следниот ден повторно го искористивме за аклиматизација до 4.660 метри. На таа височина поминавме два часа уживајќи во глетката. Речиси сите се чувствувавме добро, следејќи ги правилата кои мора да се почитуваат на тие височини.
iran-2
Тешко планинарење
Пиевме многу вода и јадевме се почесто да не ја губиме енергијата и силата. А сите движења на тие височини се забавени и тешки. Времето, за жал, никако не ни одеше во прилог, наместо летно планинарење, добивме вистински зимски поход. Следниот ден, во три часот наутро, храбро тргнавме на финалното искачување. Температурата беше околу минус 14 степени, а над 5.000 метри почна да дува силен ветер. Студот, невремето и последиците од висинските болести, за жал некои членови на експедицијата ги натера да се откажат и да се вратат во домот. На сите овие проблеми на Дамаванд се додава и уште еден единствен; со оглед дека се работи за потенцијално активен вулкан, некаде на околу 5.400 метри не дочека неподнослива смрдеа која е последица од испарувањето на сулфурот. За среќа тоа беше и знак дека сме близу до врвот, што не охрабри да продолжиме.

На врвот бевме во 11 часот. Еуфоријата и среќата што се искачивме на врвот, не може да се опише. Иранците и тука ја покажаа својата широкоградост, веднаш ни понудија урми и бадеми да ја повратиме силата. Од вкупно 20 членови во експедицијата на врвот се искачивме 12, вклучувајќи не и нас три Босанки. Симнувањето беше болно и долго, но се полесно кога знаете дека се враќате во долината, успешно постигнувајќи ја својата цел.

Освојување на градовите
По неколку часа одмор, впечатоците ни спласнаа и бевме подготвени својата планинарска опрема да ја замениме со цивилна и да почнеме да ги освојуваме градовите. Цивилната облека за нас жените беше со марами на главите, кои ги прифативме како моден детал, па наутро внимателно биравме која марама да ја носиме тој ден.

Првиот град за освојување беше прекрасниот Есфахан. Но, навистина прекрасен! За старата иранска престолнина тука се вели „Есфахан – несфе џахан”, или „Есфахан е половина свет”. Нема апсолутно ништо лошо да се напише за овој град. Ве освојува од прва, со својата чистота, архитектура, весел бои, прекрасни луѓе…

Иако уморни од качувањето на планината, времето во Есфахан го искористивме максимално. Шетавме на плоштадите, влегувавме во многу џамии, восхитувајќи се на нивната спектакуларна архитектура и специфичен дизајн, влегувавме во продавници на познатиот Есфахански мост. Секаде наидувавме на Иранци кои не запираа, ни нудеа чај, љубезно ни помагаа со објаснувања и упатства за што подобро да го доживееме нивниот прекрасен град.
iran-1
Есфахан го напуштивме, како што се вели со тешко срце, но беше време да продолжиме понатаму бидејќи не чекаше целодневно патешествие низ пустината кон Шираз. Попатно го посетивме Персеполис, кој дефинитивно е место кое треба да се посети ако се има време. Во ова место се наоѓаат гробниците на цар Кир Велики во Парсагад и цар Дарие, наречени Накше Рустам.

Пред да пристигнеме во Шираз, локалците ни рекоа дека е уште поубав од Есфахан. Е па со таа констатација не можеме да се согласиме, но дека во Шираз луѓето се по опуштени од другите, секако можеме. Можеби и поради нивната историја, сепак Шираз е родно место на познатите поети Саади и Хафез.

Малку за парите. Во Иран се чувствувате како нов доселен милијардер кој не се снаоѓа добро со парите што ги има во џеб. Официјална валута е риал, но сите трговци цените ги кажуваат во тумани. Разликата е една нула, но тогаш имате уште поголем проблем да пресметате колку што чини, бидејќи парите имаат мноооогу нули…

А храната?
Големо изненадување е дека Иранците не можат да се пофалат со богата и разновидна кујна, покрај се друго што имаат. Нашите оброци се сведуваа на кебапчиња, говедско или пилешко и ориз. Секогаш исто сервирани кебапчиња, со еден печен домат и многу ориз. Интересно е да се спомне традиционалниот сладолед и цедениот сок од морков со сладолед.
iran-hrana
Без оглед каде да се наоѓате во Иран, се чувствувате пријатно. Покрај прекрасните места кои ги посетивме, во сеќавање ќе ни остане и прекрасното дружење со Иранците. Како на пример една ноќ која ја поминавме во едно локално кафуле во Шираз, каде имавме можност да се опуштиме и да ги симнеме марамите од глава и да уживаме во дружењето со локалците, со песна и гитари.

Нема да ги заборавиме ниту две мили девојки кои на нашето прашање каде има најблиско кафуле, поминаа половина ден со нас за да ни го покажат Техеран и скриените места кои туристите никогаш не би ги откриле. А исто така многу пријатно ќе се сеќаваме на семејство од Есфахан, со кое пиевме чај и одморавме во паркот иако не успеавме да се разбереме со ниту еден збор.

Ал Џезира Балкан – Сараево

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com