HomeРЕФЛЕКТОРДизајнИнтервју со Тамара Георгиевска од „Rinocca“ – Сакаме да стоплиме многу ентериери ширум светот

Интервју со Тамара Георгиевска од „Rinocca“ – Сакаме да стоплиме многу ентериери ширум светот

rinoca2

Во изложбениот простор на главната изложба „Blooming Makers“ на шестото издание на Недела на дизајнот во Скопје (Skopje Design Week) сместени се и новите дизајн-производи на Тамара Георгиевска, претходно позната по брендот „We and Nature“, и Катерина Трпкоска изложени под брендот „Rinocca“. Двете имаат учествувано на изложбите на двете претходни изданија на Недела на дизајнот во Скопје, а сега со заеднички сили ги освојуваат симпатиите на љубопитната публика и на пазарно ориентираните клиенти. Нивниот изложбен простор е исполнет со новата, заедничка колекција на подни лампи и со редизајнирана трпезариска маса, која беше дел од асортиманот на „We and Nature“.

rinoca

Двата бренда поединечно се основани во 2014 година. Со која визија и цел беше создаден брендот „Rinocca“, а со која „We and Nature“?

Двата бренда се создадени со иста визија – да создадат мноштво поинакви производи кои ќе станат дел и ќе стоплат многу ентериери ширум светот… И еден ден нашите мали работилници да прераснат во една голема и убава фабрика која на едно место ќе собере луѓе кои со целото срце сакаат да – создаваат. Имаме една иста цел, која знаеме дека двете заедно полесно ќе ја оствариме. Досега, „Rinocca“ има повеќе од 20 различни модели на подни и столни ламби, како и лустери, додека „We and Nature“ има две серии – првата на мултифункционален мебел, а втората на трпезариски и канцелариски маси.

Годинава на „Skopje Design Week“ настапувате заеднички. Која е предноста со таквиот настап на пазарот? Зошто одлучивте здружено да изложувате и настапувате на пазарот?

„Skopje Design Week 2016“ не е наше прво заедничко настапување на пазарот, а всушност, не е ни само заедничка изложба. Првпат изложуваме заедно на Саемот за мебел во Скопје во 2015 година, каде го увидовме бенефитот од здружувањето. Поделба на обврски и средства; размена на знаења, искуства и идеи; кои заедно со истата цел која ја имаме нѐ мотивираа да станеме едно, односно да дизајнираме и произведуваме под капата на еден бренд, кој ќе е посилен за да се бори. Сега „Rinocca“ сме ние две. Понатаму се надеваме дека ќе бидеме повеќе.

rinoca3

Колку македонските бренд-производи се интересни за македонсите клиенти? Дали повеќе се продаваат готовите производи или работите и по нарачка?

Задоволни сме од тоа како многу млади и модерни луѓе реагираат на нашите производи и како ги вклопуваат во своите домови и канцеларии. Сериските производи дефинитивно повеќе се продаваат, но имаме изработувано и осветлување и мебел по порачка за некои поголеми клиенти.

На кој начин стигнувате до прототипот на одреден производ, колку и какви ресурси се потребни за создавање на готов производ?

Сѐ почнува од идеја, која што се појавила инспирирана од нешто, генерално присутно на нашата планета Земја 🙂 Преку процес на мали истражувања доаѓаме до фазата концепт, кој понатаму пробуваме да го реализираме во прототип. Тоа не значи дека секогаш идејата прераснува во успешен прототип. Но, во ситуација кога е, понатаму го доразвиваме во прекрасен производ.

Меѓу другото, при процесот на создавање наместо во трговски центар, ние одиме на шопинг каде што има дрво, челик, шмиргли и штрафови. За да се создаде готов производ потребни се упорност и многу посветено време. И секако, многу љубов кон тоа што го работиш.

rinoca4

Какви се вашите искуства од досегашната работа со македонските институции и компании од позиција на самостојни дизајнери со сопствен бренд?

Не сме 100% задоволни од соработката со компаниите, многу често налетуваме на грешки во финалната преработка на материјалите за нашите производи, па така се случува целиот процес на производство да се пролонгира и се појавува голема гужва, во која ние мораме да се снајдеме како знаеме и умееме, бидејќи е недозволиво нашите клиенти да чекаат за производите. Затоа, преку ’филтрирање‘ на соработниците низ времето, наоѓаме добри компании и благодарение на истите сме стигнати тука каде што сме.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com