HomeИЗДВОЈУВАМЕИнтервју со Сања Кљајиќ: РТВ ги укина директните вклучувања, се плашеа од тоа што би можеле да кажеме во живо во програма

Интервју со Сања Кљајиќ: РТВ ги укина директните вклучувања, се плашеа од тоа што би можеле да кажеме во живо во програма

sanja-kljajic-2

Репресија врз слободата на медиумите зема се поголем замав не само во нашата земја, туку и во соседството. Неколкупати пишувавме за состојбата со јавниот сервис во Војводина, како и за новинарката која со отказ одби да биде замолчена. Сања Кљајиќ која демонстративно ја напушти телевизијата РТВ и активно ја води борбата против медиумските „окупатори“, доби новинарска награда за храброст. Позитив.мк разговараше со колешката за состојбата во медиумите, притисоците и средствата кои власта ги користи во обид да ги замолчи новинарите.
sanja-1
Позитив.мк: Како дојде до пресврт во РТВ и дали и пред смената на раководството имаше политички притисоци?

Сања Кљајиќ: Пресвртот се случи кога Српска народна партија (СНС) ја освои власта во Војводина. Тоа не е нешто неочекувано, очекувавме работите во Војводина да се променат, но не очекувавме нивниот прв потег да биде смена на раководството, на уредници и новинари на јавниот сервис. Тоа се случи една недела по изборите, а истата вечер кога лидерот на СНС и премиер на Србија, прогласи изборна победа. Тогаш на раководните и уреднички места, наместо новинари доаѓаат политички комесари и дури и обичен лаик може да утврди комплетен пресврт во уредувачката политика. Тоа не значи дека претходно немаше политички притисоци и дека претходното раководство не попушташе пред нив повремено. Тоа е, за жал, реалност во која работат новинарите во Србија. Но, што се однесува до РТВ, за притисоци најмногу можат да зборуваат уредниците на централните информативни емисии и менаџментот. Ние како репортери, воглавно бевме лишени од притисоци одвнатре, притисоци од уредништвото, но со притисоци се соочувавме на теренот. На настаните и конференциите на премиерот Александар Вучиќ, новинарите и новинарките на РТВ секогаш биле третирани како „непријатели“, нашите прашања беа непожелни, па дури и тогаш кога навистина не беа провокативни. Но бевме заштитени од страна на нашите уредници кои ни овозможија да работиме согласно принципите на професијата и водејќи се од интересот на јавноста.
sanja-kljajic-4
Позитив.мк: Колку се промени начинот на работа по смената на раководството, каква атмосфера настана во редакцијата и дали новинарскиот колектив се обиде да даде отпор?

Сања Кљајиќ: Благодарение на отпорот кој го дадовме ние денеска разговараме на овие теми. Смената на раководството беше само вовед во смената на комплетниот уреднички тим на информативните програми, па дури и водители и презентери. Оној момет кога новото раководство на редакциски состанок ги прочита новите имиња кои во иднина ќе ја прават програмата, а нас ни порача дека можеме да одиме, ние од тој момент во РТВ повеќе немавме редакција. Уништен е тимот кој функционираше, луѓето се поделија на два табора, беа нервозни, незадоволни, нетрпеливи и конфликтни. Без оглед на тоа на почетокот се обидовме да ја работиме својата работа на ист начин, но тоа не беше возможно. Помеѓу нас и уредниците повеќе не постоеше доверба, па дури ни разбирање. Тоа наметна ситуација повеќе да не правиме вклучувања во живо, бидејќи се плашеа од тоа што би можеле да кажеме во живо во програма, што предизвика жестоки расправии за секоја сторија на која што работевме. Тогаш едноставно престанаа да ни даваат задачи, ги одбиваа нашите теми и го игнорираа нашето постоење, ја вртеа главата од нас во ходникот. Тоа не е атмосфера во која може да се работи, а најмногу трпеше програмата, што сега покажуваат и квалитативно-квантитативните анализи на содржината пред и по смената.

Позитив.мк: По отказот, дали добивте поддршка од колегите?

Сања Кљајиќ: Поддршката навистина доаѓаше од сите страни, но повторно од истиот круг луѓе кој не поддржуваше од самиот почеток, од првото писмо на новинарот или уредникот кои искажаа несогласување со противзаконската смена на директорот на програмата. А тоа не е многу широк круг на колеги, за жал. На пример, ние цело време очекувавме дека ќе се огласат и колегите од републичкиот јавен сервис Радио Телевизија на Србија, но тие останаа комплетно неми. Така беше и во мојот случај. Ниту РТВ, ниту РТС не се занимаваа сериозно со ова прашање, а денеска дури и комплетно ги игнорираат настаните на кои ние се појавуваме како актери, па така беше и во случајот со доделување на наградата. Но тоа не е прв пат да биде ставена на тест новинарската солидарност во Србија и сега веќе e премногу едноставно да се погоди кој како ќе се покаже во такви ситуации.
sanja-kljajic-5
Позитив.мк: Вие сте добитник на новинарската награда за храброст. Која е вашата порака за колегите?

Сања Кљајиќ: Не се чувствувам како некој кој би требало да дели лекции. Работев онака како што сметав дека е исравно и мислам дека е тоа пат за нов почетк. Мораме да го браниме сопствениот интегритет. Навистина верувам дека тоа е првата работа која не прави квалификувани да одговориме на новинарскиот повик. Немаме право да тргуваме со вистината да си играме пропаганда и да потпаѓаме на личните интереси. Без оглед дали се занимаваме со политички, економски, комунални теми, култура, спорт или истражувачко новинарство, должни сме да почитуваме исти професионални и етички стандарди, да бидеме оние најпотребни контролори на јавната управа и толкувачи на општеството и стварноста. Но исто како што се занимаваме со другите сфери на општеството мора да зборуваме за проблемите во нашата професија. А особено во борбата за таа професија да бидеме единствени, бидејќи се врши дискредитација и елиминација на поединци, за да се испрати јасна порака за тоа кои се правилата на игра и за групите да се контролираат со страв. Човечки е да се плашите, но извинете во оваа работа навистина нема место за страв.
sanja-kljajic-1
Позитив.мк: Организиравте протести и јавни трибини за спас на РТВ, дали се тоа единствени начини на борба против медиумските окупатори?

Сања Кљајиќ: Нормално дека не се. Тоа е највидливиот дел на нашиот отпор, но не и единствен. Нас не ни е местото на улици ниту на камионите, нас ни е местото пред тие камиони со диктафони и камери. Но принудени сме да бидеме таму бидејќи во редакцијата во која работевме повеќе немаше место за новинарство. А тоа не е било која редакција, тоа е редакција на јавниот сервис кој сите го финансираме и навистина би било неодговорно да ги премолчиме фактите за тоа што се случува таму. Се што зборувавме во изминатите шест месеци се навистина факти. Не изнесовме лаги и лични квалификации. Поднесуваме тужби, ќе докажеме дека сме во право, а тоа не е важно само за нас, тоа е неопходно за на никого повеќе да не му падне на памет така дрско да го руши она што и припаѓа на јавноста. Се ова е лекција, јавен час за медиуми, медиумска писменост и јавниот сервис. Сите ние сме минливи во таа приказна, но важно е да се истрае бидејќи тоа е единствената долгорочна борба за јавен сервис и уште една скала во изградба на идејата за јавен сервис во Србија, јавен сервис кој е важен фактор за развојот на демократијата. Тоа можеби звучи како политикантска фраза, но навистина не гледам во кој правец може да се развива општество лишено од информации.
sanja-kljajic-3
Позитив.мк: Дали можете да ја споредите слободата на медиумите во Србија и Македонија, дали препознавате исти методи за контрола на медиумите?

Сања Кљајиќ: Еден од проблемите на малите арогантни држави на поранешна Југославија е во нивната затвореност во сопствената чаура. Ние се занимаваме со сами себе, со нашите безлични лидери, немаштија, повредена суета и примитивизам. Затворени сме за информации од регионот иако тие гласно укажуваат на тоа дека тие мали умислени богови на политичката сцена користат исти методи. Во прашање се само нијанси. Но имајќи ги во предвид заканите кои ги добиваат колегите во Македонија, би кажала дека состојбата таму е полоша отколку во Србија. Она што сепак охрабрува е поврзувањето на новинарите и новинарките од земјите на поранешна Југославија во Новинарска мрежа. Тоа ни дава поголем авторитет и повеќе можности да се заштитиме едни со други. Мислам дека тоа е правец во кој би требало да размислуваме и дека таа соработка допрва ќе се развива. И тоа е таа трошка надеж која ни е неопходна во овој момент.

Позитив.мк: За крај, што е потребно да се ослободи новинарството од политичките стеги, кое е решението за враќање на слободата на медиумите?

Сања Кљајиќ: Прво ни се потребни новинари со интегритет, заинтересирани за работата со која се занимаваат, бескомпромисни во одбраната на јавниот интерес и одговорни кон етичките норми. Во природата на секоја власт е да се обиде да ги контролира медиумите, но во природата на медиумите мора да биде отпорот на таа контрола и тоа е вечна борба. Она што е проблем во државите на поранешна Југославија е во тоа што во настојувањето да ги контролира медиумите власта не бира средства, но ние тука мора да бидеме поорганизирани, поодлучни во притисокот кон политичката елита која е должна барем да обезбеди систем во кој можеме да се занимаваме со својата работа, без страв за сопствениот живот и со доверба во институциите кои мораат да не заштитат. Слободата на медиумите е прашање проткаено со бројни причинско-последични врски и фактори кој често се надвор од зоната на наше влијание. Но ние за почеток можеме да поработиме на личниот и колективен новинарски интегритет и тоа допрва ќе биде голем чекор во вечната борба за слободата на медиумите.

Автор: Кристина Атовска

Не е дозволено преземање на оваа содржина без дозвола од редакцијата на Позитив.мк, освен со линк до конкретната страница

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com